• среда, 25 март 2026

ИЈЗ отстрани 10 тони опасен хемиски отпад што можел да предизвика хаварија

ИЈЗ отстрани 10 тони опасен хемиски отпад што можел да предизвика хаварија

Скопје, 5 март 2026 (МИА) -  Во рамки на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) повеќе од 10 години се чувале 10 тони опасен хемиски отпад, што можел да предизвика хаварија и претставувал голем ризик за здравјето на луѓето и безбедноста. 

Како што информира денеска директорката на Институтот, Марија Андоновска, отпадот е моментно безбедно отстранет и  нема да остане во државата, туку ќе биде согорен надвор.

Се работи за исцедоци од лабораториски анализи, хемикалии од различен вид и во различна агрегатна состојба.

Според Андоновска, отпадот бил многу лесно испарлив и запалив, поради што и претставувал голема потенцијална опасност.

- Немавме упатство за управување со отпадот, но веднаш ги алармиравме институциите. За среќа избегнавме хаварија и го отстранивме. Очекувам одговорност, истакна Андоновска.

Според технологот Трајче Србиновски кој бил дел од тимот ангажиран за отстранување на отпадот, во државата има многу вакви жаришта и опасноста од нив е многу голема.

- Неколку јавни институции не повикаа да направиме увид, да се детектираат критичните точки. Чистењето зависи од обемот на хемикалиите, од начинот како се складирани, а цената е можеби висока зашто активна депонија немаме, објасни Србиновски.

Засега се уште не се знае каде отпадот од ИЈЗ ќе биде извезен и согорен. мч/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан