• петок, 05 декември 2025

Итна средба на координаторите на советничките групи бара претседателот на Советот на Општина Кочани за да продолжи функционирањето

Итна средба на координаторите на советничките групи бара претседателот на Советот на Општина Кочани за да продолжи функционирањето

Кочани, 7 јули 2025 (МИА) – Претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев ги повикува координаторите на советничките групи на координативен состанок на кој ќе се бара решение за натамошното функционирање.

Повикот доаѓа откако пред околу три недели беше прекината 65. седница поради инцидент во кој беше повредена вработена во општинската администрација.

-Советот е демократско тело избрано од граѓаните, а неговата работа мора да биде во служба на јавниот интерес, во духот на почит, дијалог и законитост. Насилството не само што е неприфатливо, туку е и директен удар врз интегритетот на институциите и довербата на граѓаните во нив. Во таа насока, ги повикувам координаторите на советничките групи на итна координација, со цел да се стави јавниот интерес на прво место и да се обезбеди нормално и безбедно продолжување на седницата, да се постигне согласност околу процедурите што ќе гарантираат достоинствено однесување во иднина и да се постави јасен институционален став кон вакви недозволиви постапки, истакнува Митев.

Во повикот до координаторите на советничките групи се нагласува дека секој обид за одбегнување на институционален дијалог или релативизирање на насилството ќе биде третирано како обид за попречување на работата на Советот.

Последната седница на Советот на Општина Кочани, на која меѓу другото требаше да се донесат одлуки за воспоставување соработка со други општини во државата и за ребаланс на општинскиот буџет, беше прекината поради инцидентот во кој советникот Аки Акиов со пластично шише повреди вработена во Локалната самоуправа кој службено присуствуваше на седницата. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан