• четврток, 07 ноември 2024

Исчистени пешачките патеки и местата за одмор и рекреација на Водно во рамки на акцијата „Генералка викенд 2022“

Исчистени пешачките патеки и местата за одмор и рекреација на Водно во рамки на акцијата „Генералка викенд 2022“
Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - Во рамки на големата акција „Генералка викенд 2022“ денеска се исчистени пешачките патеки и местата за одмор и рекреација на планината Водно, со што и официјално започна пролетниот дел од оваа голема еко-акција којашто до недела ќе се спроведува во 26 општини низ земјава. Во акцијата за собирање на отпадот на Водно учествуваа вработените и членовите на менаџерскиот тим Пивара Скопје, волонтери од Град Скопје, Пакомак, компанијата Мен енд Маунтен, како и членови на одредени дипломатски претставништва. - Оваа иницијатива „Генералка викенд“ ни помага да постигнеме значителен резултат во двете области: Преку собирање на голем обем на отпад да продолжиме со реализацијата на платформата „Свет без отпад“ и преку засадување нови дрвја да придонесеме кон намалување на емисиите на CO2. Тоа е двојна придобивка за животната средина, за целата заедница и за сите нас кои сме дел од неа, истакна генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ во изјава за медиумите. Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека вклучувањето на градската администрација во нејзината реализација покажува дека заштитата на животната средина е високо позиционирана на агендата за одржлив развој на Градот Скопје. - Денешната акција е навистина посебна, затоа што во неа се вклучуваат 100 волонтери од приватниот сектор и од организациите кои се активно вклучени во овој проект, но и 100 волонтери од Градот Скопје, од средните училишта на Град Скопје, од комуналното претпријатие и волонтери кои доаѓаат од општините Гази Баба и Кисела Вода кои преку своите јавни претпријатија придонесуваат Водно да го исчистиме во интерес на сите граѓани, рече градоначалничката Арсовска. Менаџерот за развој на бизнис и комуникации на Пакомак, Ико Бардаровски, кажа дека на ваков начин може со личен пример да се подигне јавната свест за заштита на околината. - Кога секој би се грижел отпадот од пакување да завршува во соодветната корпа би имале многу почиста животна средина и поубаво окружување за нас, но и за нашите поколенија, потенцираше Бардаровски. Еко-акцијата „Генералка Викенд 2022“ е организирана од Мен енд Маунтен и планирано е да се повторува секоја година сѐ до 2031, со цел да се исчисти целата земја од отпад и да се имплементира одржлив систем за селектирање и менаџирање на отпад. - Вистинските херои на Генералка викенд се 26-те општини, училишта, градинки, невладини организации, пензионери, активисти и вработените во комуналните претпријатија и општините. Сите обединети зад една идеја, да се собере отпадот од минатото и да се рециклира во зелена иднина, појасни Гордана Софија, претставничка на Мен енд Маунтен - огранизатори на „Генералка викенд“. Инаку еколошката акција „Генералка викенд 2022“ е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Освен тековните пролетни акции за чистење, во рамки на „Генералка Викенд 2022“ предвидени се и акции за пошумување што ќе се спроведат во текот на есента, при што за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.сх/са/

Остани поврзан