• понеделник, 23 декември 2024

Истражување за транспарентноста на правосудство: Неопходно е обезбедување еднаков пристап и навремени информации за сите 

Истражување за транспарентноста на правосудство: Неопходно е обезбедување еднаков пристап и навремени информации за сите 
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Повеќе се води сметка за овозможување формална отколку суштинска транспарентност во правосудството, а квалитетот на моменталната правна рамка не придонесува доволно за оптимална транспарентност и за отвореност на правосудниот сектор, покажуваат резултатите од истражувањето „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“. Студијата што беше презентирана денеска во Основниот кривичен суд Скопје, а е во издание на Здружението на новинарите на Македонија, упатува на неопходноста од обезбедување еднаков пристап до информации за сите, односно на потребата сите судови да користат ист канал и систем на комуникација и на потреба пресудите и сите други информации од јавен интерес навремено да бидат објавени на нивните веб-страници. Претседателот на Основен кривичен суд Скопје, Иван Џолев, на денешната презентација рече дека смета оти градиме добри релации и дека се подобруваме. - Се согласувам дека тоа треба да биде взаемно и следната студија можеби ќе биде и со друг наслов, на пример точна информација, задоволно судство, рече тој. Дополни дека честопати реагирале како судии дека информациите можеби и не се реален однос на она што се случува во судницата и какви се одлуките. - Сензационализмот и некоја друга побуда ги прави малку изветоперени. Реагираме, но нема нешто многу слух кај новинарите и медиумите, веројатно и тука ќе треба да се поработи, рече тој. Според претседателот Џолев, желбата кај судиите е голема да се подобрат релациите со новинарите. - Да имаме добра комуникација, да имаме точни информации, целта ни е да ја смениме перцепцијата во јавноста и потребна ни е помош токму од новинарите за да ја промениме таа перцепција, посочи тој. Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ, рече дека судирот на нетранспарентноста и желбата за информации е исконски судир и секогаш раѓа нешто што не е квалитетно на крајот. - Тогаш може да дојде до повеќе шпекулации, можности за извртување на вистината или некои неточности, рече тој. Како што кажа, периодов што е зад нас покажува поголема транспарентност. - Меѓутоа, покажува поради лични преференции и сфаќања на работите на луѓето а не покажува и не може да гарантира во иднина системски пристап на тоа, не е доволно да има три-четири портпароли кои дошле од редовите на новинарите, рече тој, дополнувајќи дека објавувањето на судските пресуди ќе го отвори целиот механизам на следење на судските постапки. Како една од основните препораки и заклучоци што ги посочува студијата е потребата од воспоставување полесна и поразбирлива комуникација на судовите со јавноста и односи со медиумите. ар/аа/

Остани поврзан