• четврток, 12 март 2026

Истражување: АИ четботовите понекогаш помагале во планирање насилство

Истражување: АИ четботовите понекогаш помагале во планирање насилство

Лондон, 12 март 2026 (МИА) - Според истражување на Центарот за борба против дигитална омраза (ЦЦДХ) популарните АИ четботови, како што се ЧетГПТ и Гугл Џемини повремено давале детални инструкции за насилни напади, додека некои како Клод и Мај АИ доследно одбивале да помогнат.

„Во истражување, спроведено во САД и Ирска, биле тестирани десет четботови, а резултатите покажале дека тие во просек овозможиле насилство во три четвртини од случаите, додека го обесхрабрувале само во 12 проценти од тестовите, пишува „Гардијан“.

ЧетГПТ, Гугл Џемини и кинескиот модел Дипсик давале детални совети, вклучувајќи упатства за експлозиви, оружје и избор на цели, додека пак љубопитните се претставувале како 13-годишни момчиња заинтересирани за напади или политички атентати. Дипсик дабал упатства за користење ловечки пушки на корисник кој изјавил дека сака „да натера актуелен политичар да плати за уништувањето на Ирска“, а одговорот завршил со порака во која на корисникот му се посакува „среќно, и безбедно пукање“.

- Извршниот директор на ЦЦДХ, Имран Ахмед, предупреди дека четботовите достапни за сите, можат да му помогнат на следниот ученик „напаѓач“ или „политички екстремист“, да планира насилство и додаде дека проблемот не е само технолошки, туку и прашање на одговорност на оние што ја развиваат вештачката интелигенција.

Во една студија се наведуваат и вистински приказни. Сличен случај имало лани во јануари, кога напаѓач од Лас Вегас го користел ЧетГПТ за упатства за експлозиви пред детонацијата. Истата година во мај, шеснаесетгодишник од Финска наводно користел четбот пред напад врз три девојчиња. мв/ми/

Фото: Пиксабеј

 

Остани поврзан