• петок, 22 ноември 2024

Истрага на грчкото обвинителство за фирмата на Каселакис во САД

Истрага на грчкото обвинителство за фирмата на Каселакис во САД

Атина, 5 март 2024 (МИА) – Грчкото обвинителство ќе спроведе истрага за фирмата на лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис со седиште во САД, преку која со заем беа исплатени вработените во медиумите на партијата, како и за евентуално прекршување на законот за имот и извор на средства на политичари, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, истрагата има за цел да утврди дали Каселакис го прекршил законот за декларација на имотната состојба, а особено одредбите што се однесуваат на забраната на лидерите на политичките партии да имаат учество во управувањето или капиталот на компании, чие седиште или статут е во странство.

Реакцијата од грчкото обвинителство е откако беа објавени информации и податоци за заемот од фирмата на Каселакис во САД за да се исплатат вработените во медиумите на СИРИЗА.

Откако пред две седмици во медиумите беше објавено дека Каселакис има фирма во САД, лидерот на СИРИЗА преку социјалните мрежи коментираше дека сите знаат дека е бизнисмен во странство, каде што живееше 21 година.

-Веднаш ќе ме информираат моите адвокати дали законот важи за лидерите на парламентарните партии, кои не смеат да бидат сопственици на компании во странство. Јас, како што е познато, не сум пратеник. Доколку законот се однесува и на мене, ќе ги продадам фирмите што ги имам во странство, напиша Каселакис на 23 февруари. ср/сд/

Остани поврзан