• сабота, 23 ноември 2024

Исечени десетици дрвја поради реконструкција на улица во Тетово, Општината вели дека ќе се реконструира се, па и дрворедот

Исечени десетици дрвја поради реконструкција на улица во Тетово, Општината вели дека ќе се реконструира се, па и дрворедот
Тетово, 19 март 2022 (МИА) - Голем револт има денеска кај дел од граѓанските здруженија и жителите на Тетово поради сечењето на дрвјата вдолж улицата „Страшо Пинџур“ која изминативе месеци се реконструира. Граѓаните реагираат на тоа што се исечени десетици дрвја, дел од нив стари и повеќе децении, но во добра состојба. -Сакаме јавно најостро да го осудиме масакрот кој се случи утрово над дрвјата на улицата „Страшо Пинџур“, а реакциите на граѓаните ќе ги пренесеме и на средбата токму со градоначалникот Касами во текот на денот, соопштија од иницијативата „Тетово сака парк“. Хамди Сулејмани, советник од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ посочи дека во целиот свет и европските земји дрвјата имаат регистрар каде што се евидентираат според квалитетот на дрвото, годините, итн. -Во нашиот град, дрвјата се сечат секој момент без некој да одговара.  Се надеваме дека ќе се стопира сечење на дрвја на друго место, а тука да се постават нови дрвја за да не се препознае промената која се случи овде.   Не мораше да се сечат дрвјата бидејќи не се менува профилот на улицата, туку само се реконструираат материјалите. Во таква ситуација дрворедот треба да стои, тоа е законски пропишано, изјави Сулејмани. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вели дека се реконструираат сите елементи од улицата, па затоа треба да се исечат дрвјата и на нивно место да се засадат нови. -Дрвјата се исечени во рамки на реконструкција на улицата. Еве веќе има динамика да се направи реконструкција со целосна инфраструктура што подразбира и подземна и надземна, канализација, водовод и тротоар и осветлување. Ќе се стават нови дрвја кои ќе бидат соодветни на новиот проект. Овој пат ќе има најмодерен изглед кој го заслужуваме како жители на Тетово. По план кога се реконструира еден пат се реконструира целосно се прави со сите елементи, зборуваме за сите инфраструктурни елементи вклучително и дрвјата, изјави Касами. Тој немаше одговор на прашањето дали стручно лице има направено елаборат по кој ќе се сечат дрвјата. -Пет месеци работиме макотрпно за еднаш засекогаш да  ја реконструираме улицата. Сега не е во ред да се фокусира јавноста дека се исечени дрвјата. Не е вистина дека се исечени, туку ќе се сменат согласно целосната реконструкција на патот. Ако сакаме да пренесеме до јавноста дека правиме нешто погрешно, пак по четири години во Тетово ќе дојде градоначалник кој ќе продолжи по старо, изјави Касами. Според него, до крај на јуни ќе заврши реконструкцијата на улицата.ас/вј/  

Остани поврзан