• понеделник, 25 ноември 2024

Иса Мустафа: Вјоса Османи и самата беше дел од негативнот дискурс кон сојузниците на Косово

Иса Мустафа: Вјоса Османи и самата беше дел од негативнот дискурс кон сојузниците на Косово

Приштина, 22 ноември 2024 (МИА) – Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа ги оцени како задоцнети забелешките на претседателката на Косово, Вјоса Османи во нејзиното годишно обраќање во републичкото Собрание, упатени кон Владата во врска со однесувањето кон сојузниците на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата РТВ21, Мустафа рече дека Османи и самата во минатото, откога е на чело на државата, го поддржувала негативниот дискурс кон сојузниците на Косово.

Поранешниот косовски премиер ѝ забележа на претседателката дека критиките за заладувањето на односите на Косово со традиционалните сојузници ги изнесе дури на крајот на мандатот на актуелната Влада, предводена од Албин Курти.

„Мислам дека тоа се многу задоцнети забелешки на претседателката, бидејќи таа ги кажува овие работи на крајот на мандатот на оваа Влада. Таа никогаш до сега не ги кажала во нејзините три годишни обраќања што ги имаше во Собранието и во времето на ова парламентарно мнозинство. Мислам дека и самата претседателка е актер или учесник во сите овие настани што се случија на меѓународен план, бидејќи и таа досега го поддржуваше овој курс на Владата“, рече Мустафа.

Тој потсети дека Османи порано „ја поддржуваше тезата за суверенизмот“ и тврдеше дека Косово е суверена држава „и тука никој не може да се меша“.

„Дури, во еден период имаше замерки кон Соединетите Американски Држави. Сепак, добро е што на крајот се освести, но тоа што на крајот се освести не значи дека сега ги враќа сите тие загуби и сета штета што ја претрпе нашата држава од тој курс на парламентарното мнозинство, чиј дел беше и самата претседателка“, рече Мустафа.

Османи во нејзиното вчерашно годишно обраќање пред Собранието ѝ порача на Владата на Албин Курти дек загрозувањето на односите и „коцкањето“ со сојузите ја поткопува одбраната на Република Косово и побара залагања и посветеност за одржување на соработката со нив.иа/

Остани поврзан