• понеделник, 24 март 2025

Исак за својата иднина: Сите знаат колку го сакам Њукасл

Исак за својата иднина: Сите знаат колку го сакам Њукасл

Лондон, 22 март 2025 (МИА) - Њукасл неодамна стави крај на 70-годишната суша без трофеј во ниту едно домашно натпреварување. Сезонава играат маестрално, а тропаат и на вратата за враќање во Лигата на шампионите. Добриот настап на фудбалерот го привлече вниманието на најголемите клубови, кои се заинтересирани за голем дел од првиот тим на „страчките“. Сепак, најмногу гласини кружат околу Александар Исак - еден од најдобрите напаѓачи на планетата.

Швеѓанецот сезонава е во маестрална форма. Тој е трет на листата на најдобри стрелци во Премиер лигата (19 гола), и е само на три гола од неговиот најдобар учинок во кариерата. Минатата сезона за Њукасл постигна 21 гол на 30 натпревари, а големи се шансите овој учинок да биде надминат.

Без сомнение, 25-годишниот фудбалер моментално е еден од најдобрите напаѓачи на планетата, а многу луѓе веруваат дека неговиот потенцијал заслужува подобра средина. Поради тоа, фудбалскиот свет во последно време е зафатен со огромен број гласини за преселба на Исак во нов клуб. Еден од најзаинтересираните тимови е Арсенал, кој летово ќе бара напаѓач, а изгледа дека Швеѓанецот би бил совршен избор. Сепак, Александар Исак засега останува посветен на Њукасл.

-Добро е познато колку го сакам овој клуб и градот, колку добро се чувствувам овде. Во моментов не размислувам за иднината. Само сакам да продолжам да играм добро во Њукасл. Неодамна го освоивме купот, но сакаме силно да ја завршиме сезоната и да стигнеме до место кое води во Лигата на шампионите. Тоа е местото каде што е мојот фокус, изјави Исак за шведската телевизија „Фотболсканал“.

Според извештајот на интернет порталот „Трансфермаркт“, Швеѓанецот моментално вреди 100 милиони евра. Во Премиер лигата дојде за 70, а не е невозможно „страчките“ да бараат двојно повеќе за да се откажат од многу талентираниот напаѓач. Летниот преоден рок ќе донесе многу одговори, а голема е веројатноста дека ќе пристигнат многу понуди од Њукасл за Исак. дс

Фото: Архива

Тагови

Остани поврзан