• четврток, 26 март 2026

ИРГЦ се закани со напади врз регионалните центри на американските технолошки компании и банки поврзани со САД и Израел

ИРГЦ се закани со напади врз регионалните центри на американските технолошки компании и банки поврзани со САД и Израел

Техеран, 11 март 2026 (МИА) – Иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека поведува „најинтензивна и најтешка операција“ од почетокот на судирот, а иранските државни медиуми објавија список на потенцијални цели во регионот.

Листата, објавена од државната новинска агенција Тасним под наслов „Нови ирански цели“, ги вклучува канцелариите и имотите на големите американски технолошки компании кои работат на Блискиот Исток. Меѓу потенцијалните цели се регионални канцеларии, како и центри за податоци и развојни центри на технолошки гиганти.

Според иранските медиуми, на листата се објекти поврзани со „Гугл“, „Амазон“, „Мајкрософт“, „Енвидиа“, ИМБ, „Оракле“ и „Палантиар технолоџис“, се споменуваат канцелариите во Израел, но и низ целиот регион, вклучувајќи ги Дубаи и Абу Даби.

Како што регионалната војна се шири и се претвора во конфликт фокусиран на инфраструктурата, опсегот на легитимни ирански цели постепено се шири, се наведува во соопштението на ИРГЦ.

Претходно, портпаролот на воената команда на Техеран, Хатам ал Анбија изјави дека по нападот врз иранската „Банка Сепах“, Иран ќе ги нападне економските и банкарските интереси поврзани со САД и Израел во регионот.

Административна зграда поврзана со „Банка Сепах“, една од најголемите ирански банки, поврзана со армијата, синоќа беше погодена. Поради тоа Техеран се закани со напади врз економските центри и банки поврзани со САД и Израел.

ИРГЦ претходно спроведе операции против инфраструктурата на американските компании во регионот. Минатата недела, според државните медиуми, Иран изврши напад со беспилотни летала врз центарот за податоци на „Амазон“ во Бахреин, додека иранските беспилотни летала наводно ги таргетираа два објекти на истата компанија во Обединети Арапски Емирати. ми/сд/

фото: Википедија

Остани поврзан