• вторник, 09 декември 2025

Иран најави компромис за намалување на нуклеарните тензии

Иран најави компромис за намалување на нуклеарните тензии

Техеран, 19 ноември 2025 (МИА) – Иран сигнализираше дека размислува целосно да го прекине збогатувањето на ураниум, што укажува на потенцијална промена во ставот на Техеран за компромис во нуклеарниот спор со Западот, пренесе ДПА.

- Збогатување на ураниум во моментов не се спроведува, а во согласност со националните интереси, се разгледува можноста за целосно запирање на процесот на збогатување, изјави владината портпаролка Фатеме Мохаџерани, пренесе дневниот весник Етемад.

Организациите што го оценуваат ова прашање – државната Организација за атомска енергија, Министерството за надворешни работи и Советот за национална безбедност – ќе одлучат што би било најдобро за земјата, додаде портпаролката.

Високиот советник на ајатолахот Али Хамнеи, Камал Харази рече дека Техеран е дури подготвен да ги продолжи нуклеарните разговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Според Харази, Иран, исто така, би бил подготвен да преговара за намалување на степенот на збогатување.

Иран е во економска криза, главно предизвикана од меѓународните санкции поврзани со нуклеарниот спор. Вредноста на националната валута, риалот, се намалува речиси секој ден, а инфлацијата расте со големо темпо.

Некои набљудувачи и политички аналитичари во Иран веруваат дека упорноста на Техеран во спроведувањето на неговите нуклеарни проекти не е во согласност со националните интереси, бидејќи тоа може да доведе до економски колапс.

За да се избегне тоа, како и можни социјални немири, политичкиот компромис во нуклеарниот спор би останал единствената опција.

Иран ги прекина нуклеарните преговори и својата соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) како одговор на израелските и американските напади врз неговите нуклеарни постројки во јуни.

Техеран пријави „значителни штети“ по нападите. Со оглед на тоа што МААЕ нема пристап до локациите, нема независни информации за степенот на штетата. јт/

Фото: ДПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан