• сабота, 14 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Иранскиот претседател в понеделник ќе го посети Азербејџан

Иранскиот претседател в понеделник ќе го посети Азербејџан

Техеран, 23 април 2025 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан в понеделник ќе го посети Азербејџан по повеќегодишна тензија меѓу двете соседни земји, објавија иранските медиуми.

Поранешната советска република, која се наоѓа на Кавказ, северозападно од Иран, е близок сојузник на Турција, која има значително културно и јазично влијание во неа.

Пезешкијан „на 28 април ќе ја посети Република Азербејџан на покана на претседателот на земјата Илхам Алиев“, објави иранската телевизија.

Шефот на иранската држава денеска изрази надеж дека „процесот на обновување на билатералните односи ќе биде краток“.

Иран, каде живее голема азербејџанска заедница, одржува комплицирани односи со Азербејџан.

На почетокот на 2023 година, нивните односи нагло се влошија откако вооружен маж упадна во амбасадата на Азербејџан во Техеран. Тогаш загинал еден дипломат, а двајца чувари биле повредени. Иран рече дека мотивите на напаѓачот биле „лични“, но Азербејџан го обвини Техеран дека го „охрабрува“ напаѓачот.

Во април 2023 година, Баку прогласи четворица вработени во иранската амбасада во Азербејџан за персона нон грата. Еден месец подоцна, Иран протера четворица азербејџански дипломати.

На 22 јануари, иранскиот суд објави дека напаѓачот на амбасадата е осуден на смрт и дека чека егзекуција.

Азербејџан одржува блиски односи и со Израел, непријател на иранската влада и главен снабдувач со оружје на Баку.

Иран стравува дека Израел би можел да ја искористи територијата на Азербејџан за да изврши напад. мс/

фото: ДПА

Остани поврзан