• сабота, 23 ноември 2024

ИО на СДСМ: Дијалогот за уставните измени со ВМРО-ДПМНЕ да продолжи, потребна е поширока јавна дебата за законите за матична евиденција и за родова еднаквост

ИО на СДСМ: Дијалогот за уставните измени со ВМРО-ДПМНЕ да продолжи, потребна е поширока јавна дебата за законите за матична евиденција и за родова еднаквост

Скопје, 27 март 2023 (МИА) - Извршниот одбор на СДСМ на синоќешната седница во проширен состав донесе одлука да продолжи дијалогот со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, заради како што се наведува, постигнување на општествен консензус.

-Оценка на Извршниот одбор е дека дијалогот со опозициската ДПМНЕ за уставните измени треба да продолжи. Кога веќе ДПМНЕ не е против уставните измени, кога се согласи за учество во заедничка влада, нема причина дијалогот да не продолжи и да не започне собраниската процедура. Даваме простор и шанса ДПМНЕ да останат на јавно искажаниот став и да се вклучат во процесот. СДСМ со коалициските партнери ќе направи сѐ, целосно да ја искористиме оваа шанса, земјата да продолжи напред и да ја исполниме нашата стратешка цел - полноправно членство во ЕУ, стои во соопштението од СДСМ. 

На седницата на владејачката партија се дискутирало и биле донесени и одлуки и заклучоци и за аспектите кои што се отворија во јавноста во врска со Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција при што се потенцира дека станува збор за сосема различни и засебни предлог законски решенија.

-Предлог Законот за матична евиденција Владата го повлече од собраниска процедура во март 2022 година за да се направи дополнителна консултација, за да исполнат очекувањата на целото општеството. Врз основа на ова, Извршниот одбор одлучи дека во ваква форма Законот за матична евиденција не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение. СДСМ е партија која гради демократско општество,  која силно е посветена на еднаквоста меѓу мажите и жените, која инвестира во меѓусебна толеранција, почитување на човековите права и слободи, стои во соопштението со заклучоците од ИО на партијата.

Во однос на Законот за родова еднаквост донесен е заклучок да продолжат консултациите и да се прошири јавната дебата со вклучување на сите засегнати страни.

-Вредностите на СДСМ како социјалдемократска и граѓански ориентирана партија, почиваат на темелите на еднаквоста, солидарноста и социјалната правда. Консултативниот процес за Законот за родова еднаквост треба да продолжи, да се прошири јавната дебата со сите засегнати страни и чинители, со цел доаѓање до решение во интерес на целото општество, пред законот да влезе во владина и собраниска процедура, стои во соопштението со заклучоците од Извршниот одбор на СДСМ. вг/са/

Фото: СДСМ
 

Остани поврзан