• недела, 22 декември 2024

ИОМ: Бројот на интерно раселените лица во Судан надмина 10 милиони

ИОМ: Бројот на интерно раселените лица во Судан надмина 10 милиони

Женева, 10 јуни 2024 (МИА) - Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (ИОМ) денеска објави дека бројот на внатрешно раселените лица во Судан надмина 10 милиони.

Тоа значи дека повеќе од четвртина од предвоеното население на Судан досега е раселено.
ИОМ соопшти дека таа бројка вклучува 2,83 милиони раселени од своите домови во помали локални конфликти кои траат со години пред почетокот на сегашната војна.

Повеќе од два милиони други луѓе избегаа во странство, главно во соседните Чад, Јужен Судан и Египет, изјави портпаролот на ИОМ Мохамедали Абунаџела.

Агенцијата за храна на ОН минатиот месец ги предупреди завојуваните страни дека постои сериозен ризик од масовно гладување во западниот регион Дарфур и на други места во Судан, доколку не дозволат хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е потребна.

Судан е зафатен со насилство од средината на април 2023 година, кога тензиите меѓу официјалната армија предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало ескалираа во отворени борби.

Оттогаш, борбите се проширија во неколку делови на земјата, при што главниот град Картум и соседниот Омдурман станаа урбано бојно поле. Конфликтот, исто така, поттикна етничко насилство во западниот судански регион Дарфур. ОН велат дека во Судан се развива „незамислива“ хуманитарна криза.

Според Обединетите нации, во конфликтот загинаа повеќе од 14.000 луѓе, а повеќе од 12.000 се ранети, а активистите и медицинските групи во земјата велат дека вистинската бројка на жртви е далеку поголема. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан