• петок, 15 ноември 2024

Инфлацијата во еврозоната скокна на рекордни пет проценти

Инфлацијата во еврозоната скокна на рекордни пет проценти

Брисел, 7 јануари 2022 (МИА) - Годишната стапка на инфлација во еврозоната се искачи на пет отсто во декември, што е ново највисоко ниво откако Евростат почна да ги следи податоците, при што цените на енергијата повторно се зголемија, покажаа најновите проценки објавени денеска.

Годишната стапка на инфлација во еврозоната, мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (ХИЦП), порасна во декември 2021 година за 0,1 процентен поен во однос на претходниот месец, достигнувајќи пет отсто, објави Европскиот завод за статистика. Во декември 2020 година, првата година од пандемијата, потрошувачките цени во земјите што ја користат заедничката европска валута беа за 0,3 отсто пониски отколку во истиот месец од пред пандемијата 2019 година.

Најмногу поскапеа енергенсите на крајот на 2021 година, за 26 отсто во споредба со истиот месец претходната година. Во ноември тие беа зголемени за 27,5 отсто. Без цените на енергијата, годишната инфлација во еврозоната во декември изнесуваше 2,8 отсто, што е за 0,3 процентни поени повеќе од ноември. Во декември 2021 година значително порасна и цената на свежата храна, за 4,6 отсто во однос на истиот месец претходната година, по пораст од 1,9 отсто во ноември.

Меѓу земјите од еврозоната, цените најсилно пораснале на Балтикот во декември, за 12 отсто во Естонија, 10,7 отсто во Литванија и 7,7 отсто во Латвија, според проценките на Евростат. Блиску се Шпанија со 6,7 отсто и Белгија и Холандија со 6,5 односно 6,4 отсто.

Најголемата германска економија, Германија, забележа годишна стапка на инфлација од 5,7 отсто во декември. паг/

Остани поврзан