• петок, 22 ноември 2024

Инфективното одделение во Прилеп без ковид пациенти, полека се враќа на останатите заболувања

Инфективното одделение во Прилеп без ковид пациенти, полека се враќа на останатите заболувања
Прилеп, 7 јуни 2021 (МИА) - Состојбата во прилепското инфективно одделение е смирена и стабилна, нема хоспитализирани ковид-пациенти и одделението почна со работа со пациентите од „вообичаените“ инфективни заболувања. Тројцата пациенти, заболени од Ковид, се во модуларната болница. Според Мирјана Крстеска одделението се врати со вообичаените специјалистички прегледи и хоспитализации. По година и половина помалку е необичо, но пожелно. -Моменталната состојба во инфективното одделение во Прилеп е релативно смирена и нормална. Постепено се враќаме кон лекувањето на останатите инфективни заболувања. Во инфективното и во ковид одделите во болницата нема хоспитализирано пациенти, само во модуларната болница. Таму моментално се лекуваат тројца пациенти.  Во нашето одделение се пациенти со инфективна патологија. Сега ги третираме пациентите кои не можевме поради немешање со ковид-заболените и беа на други одделенија, меѓу кои се и гастро-ентеро колитите кои сега, со оглед на времето, се во подем, вели Крстеска. Бројките се многу намалени, одвреме навреме има по некој позитивен. -Ситуацијата е смирена, ние сме малку релаксирани и, на некој начин, се враќаме во нормалниот живот. Дури и не може реално да поверуваме дека по година и половина сме во ваква „релаксирана ситуација“ дури и да користиме по некој ден одмор. А никогаш нема да заборавиме какви тешки ситуации имавме, особено кога ќе загубевме пациент. Третиот бран од крајот на февруари и цел март имавме најмногу пациенти, тој беше и најтежок. Сега се гледа крајот на тој бран, објаснува Крстеска. Според инфектологот Крстеска вирусот постои, но очекува да нема силен бран. Населението стекна одреден имунитет и од мутациите, а решението е во вакцинацијата. -Мислам дека сѐ уште ќе го има корона-вирусот но нема да има таков подем како досега. поголем дел од нашиот народ помина преку пандемијата како инфекција, полесна или тешка, но и голем дел се вакцинираат. А решението за пандемијата е токму во вакцинирањето. Населението мислам дека стекна одреден имунитет и мутираните вируси нема да даваат тешки клинички слики, вели Крстеска. Мартина Димитријоска е млада медицинска сестра во инфективното одделение и не може да ги заборави тешките моменти кога губеле пациенти, но и на поддршката од колегите. Се надева и очекува пандемијата да замине. -Многу ни значеше што имавме помош и од колешките од другиот дел на болницата. Сите се сплотивме во едно, секој го даде најдоброто од себе. Тогаш денот беше бескраен со тажни слики, понекогаш немоќ кога умира пациент. Сега е друго. Чувството е немерливо. Се надевам дека најтешкото е зад нас, а ќе имаме можност наскоро да се вратиме во нормалниот живот, вели Димитријоска. ем/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан