• вторник, 03 декември 2024

Јовановиќ за МИА: Критериумот за Киненова е добар филм и оригинален филмски јазик

Јовановиќ за МИА:  Критериумот за Киненова е добар филм и оригинален филмски јазик

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Киненова е целосно отворен и демократичен фестивал и не наметнува некоја посебна тема. Критериумот пред сè е добар филм, добра тема, оригинален филмски јазик и оригинална нарација. Предност и ангажираност постои во однос на тематиките, бидејќи јас лично но и фестивалскиот тим сметаме дека филмот може да се употреби како медиум за алармирање на одредени состојби, за комуницирање на проблемите и да ја менува реалноста, денешницата, современието и светот, вели во интервјуто за МИА директорот на Меѓународниот филмски фестивал Киненова Небојша Јовановиќ.

Годинашното осмо издание на фестивалот почна на 13 октомври, со проекција на филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асемина Проедроу, а свечено беше затворен синоќа во Синеплекс, со проекција на „Чуварите на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, филмот што ја доби и наградата за најдобар филм на Киненова за исклучителната и длабоко човечка приказна. Во рамки на фестивалот, оваа година српскиот актер Бранислав Лечиќ ја доби наградата за најдобро филмско остварување.

Јовановиќ за МИА посочува дека предизвикот да се биде на чело на Киненова е огромен.

-Треба да имате голема мотивација да се соочите со сите турбуленции. Но, најмногу ме радува што секоја година се зголемува ентузијазмот при правењето на наредното издание, како и потврдата од авторите дека сакаат да присуствуваат. Сепак, организирање на фестивал бара навистина поддршка од општеството и јавните институции, потенцира Јовановиќ. 

Киненова е фестивал што континуирано прикажува квалитетни филмски содржини за сите филмаџии. Зборувајќи околу процесот за создавањето на годишната програма, Јовановиќ појаснува дека водечката инспирација е всушност мисијата на фестивалот, а тоа е да им се овозможи простор на новите филмски автори, на дебитантите.

-Водечката инспирација е всушност нашата мисија. Мисијата на фестивалот е да им овозможи простор на младите нови филмски автори, на дебитантите. Ова е нешто што е навистина многу тешко, бидејќи пробивањето во филмскиот свет е долг и мачен процес. Продукцијата на филмот бара финансиска поддршка, а потоа е потребна промоција на филмот. Не е баш лесен тој пат, бидејќи јас сум режисер и го знам тоа.  Сметам дека е благородна мисија да се биде на чело на овој фестивал, вели Јовановиќ за МИА.

Во однос на годишната програма, Јовановиќ појасни дека голем дел од филмовите беа со ангажирана тематика. Љубителите на филмови во рамките на осмото издание на фестивалот имаа можност да гледаат филмови кои што обработуваат теми за жените, за родова нееднаквост, родово насилство.

-Имавме повеќе филмови, особено во кратката програма, кои што се занимаваат со насилство врз жената. Тие филмови дури имаа и предност, бидејќи говорат за нешто што е сензитивно, што треба да биде прикажано и да се држи како актуелна тематика, како и всушност какво било насилство врз група на маргинални лица или послаби, ранливи групи на луѓе. Филмот е уметност и си дозволува да ја има слободата да обработува одредени феномени од животот, појаснува Јовановиќ во интервјуто за МИА.

Интервјуто го пренесуваме во целост:


Годинава српскиот актер Бранислав Лечиќ е добитник на наградата за најдобро филмско остварување. Кои се критериумите за изборот на добитникот на оваа награда?

Секако дека постојат повеќе критериуми. Првиот и главен критериум е тоа што за голема награда, како што е наградата за особен придонес во филмската уметност е да личноста, поточно уметникот има значаен труд и значајни дела позади себе и тие да претставуваат некаков урнек и пример за идните генерации. Наградата да биде еден вид на инспирација за оние кои допрва доаѓаат во светот на филмот.

Сметавме дека овој наш гостин кој што веќе го наградивме, го исполнува тој критериум. Исто така, еден од критериумите е овие личности да имаат поблиска и подлабока конекција со оние на кои што им се обраќаат - на публиката и на јавноста. Сметавме дека како и претходните добитници, така и овој наш лауреат, навистина има посебна харизма која што одбележува едно време. Станува збор за актер кој што има особен актерски сензибилитет, актер кој ги играше улогите во еден свој манир и мислам дека навистина се издвојува од останатите.Инаку, има и некои други аспекти кои што се во однос на таа награда, меѓутоа да не должиме.

Во рамки на фестивалот, можевме да забележиме проекции на кратки и долги филмски остварувања од Балканот, Европа и светот, кои претежно обработуваа социјално ангажирани тематики, филмови за женски приказни, драматични приказни во чиј фокус е жената. Колкав беше предизвикот да ги донесете филмовите на фестивалот, и зошто баш овие теми како главен фокус?

Овие теми ги избравме најмногу затоа што Киненова е целосно отворен и демократичен фестивал и не ни наметнува некоја посебна тема, ниту стилови кои мора да бидат застапени.

Ние исто така не задолжително ги следиме трендовите кои што можеби постојат кај дел од големите фестивали или задолжително да ги прикажеме наградените филмови. Критериумот пред се ни е добар филм, добра тема, оригинален филмски јазик, оригинална нарација.

Исто така, постои предност и ангажираност во однос на тематиките бидејќи јас лично и фестивалскиот тим сметаме дека филмот може да се употреби како еден медиум за алармирање на одредени состојби, за комуницирање на одредени проблеми и буквално да ја менува реалноста, да ја менува денешницата, современието и светот.

Ова звучи навистина утописки и можеби невозможно, меѓутоа мислам дека таа верба треба да постои.

Во тоа име, повеќе од филмовите се со ангажирана тематика. Постојат филмови кои што обработуваат теми за женските права, родова нееднаквост, родово насилство, на пример филмот „Феемме“ (Женствена) е исклучителен во таа смисла, бидејќи е филм кој што обработува тема за еден транвестит и сите предизвици кои што тој може да ги доживее во една поларизирана средина, каде што може да биде идентификуван како многу различен и неприфатлив.

Има и еден друг филм, „20.000 видови пчели“, кој што исто така го обработува феноменот на трансродово лице, меѓутоа никој до сега не ја опфатил темата на трансродово дете. Ова е нешто со кое што луѓето во денешницата се соочуваат.

Филмот е уметност и си ја дозволува слободата да обработува одредени феномени од животот.

Имаме повеќе филмови, особено во кратката програма кои што се занимаваат со насилство врз жената и тие филмови дури имаа и предност, бидејќи се работи за нешто што е сензитивно и што треба да биде прикажано и да се држи како актуелна тематика.

Во рамките на Киненова годинава беа прикажани и четири играни филма од најновата Полска кинематографија, понудени како партнерска програма на Киненова и Вистула ФФ. По што се издвојува полската кинематографија од останатите и колку е примамлива за филмските љубители кај нас?

Мислам дека генерално во филмскиот свет но и кај нас Полската кинематографија е многу позната. Имаме големи авторски имиња од Полската кинематографија, го имаме еден од поголемите автори Лех Мајевски. Полската филмска школа е навистина позната, особено во Европа.

Ние оваа програма ја реализираме во партнерство со полскиот патувачки филмски Вистула кој што не одбра нас во Македонија, да соработува со нас и преку нив, ние и оваа година како и минатата, донесовме четири полски филмови. Имавме и гости од тие филмови.

Интересно е дека дел од тие филмови се навистина популарни, дури се едни од најгледаните филмови на мрежата „Нетфликс“ и имаат голем дистрибутерски успех, и голема гледаност низ Полска. Тоа е можеби интересно, бидејќи се сепак во рамките на „art house“, на филмот како уметност, така што имаат голем успех кај публиката.

Имавме одредена публика која што ги погледна филмовите и сметам дека е многу интересна Полската кинематографија. Имаат навистина голема продукција.

Станува збор за осмо издание на фестивал, кој несомнено од самото основање нуди квалителни содржини кои можат да бидат примамливи за секој филмски љубител. Може ли да ни откриете која ви е водечката инспирација при создавањето на програмата?

Водечката инспирација е всушност нашата мисија. Мисијата на фестивалот е да им овозможи простор на младите и на новите филмски автори, на дебитантите, бидејќи пробивањето во филмскиот свет е навистина многу тешко. Тоа долг и мачен процес.

Продукцијата на филмот бара финансиска поддршка, потоа е потребна промоција на тој филм, така што не е баш лесен тој пат. Јас го знам тоа бидејќи јас сум режисер и сметам дека е благородна мисија и клучното нешто при создавањето на фестивалската програма да овозможиме на младите автори да бидат афирмирани, препознаени и откриени. Тоа е процес кој во последниве години не е баш лесен.

Постои хиперпродукција на филмови. Се продуцираат голем број на филмови од сите страни на светот, така што тешко е да се пробие некој млад автор.

Она што посебно ме радува е тоа што секоја година се зголемува ентузијазмот при правењето на наредното издание. Најзначајна ми е потврдата од авторите дека сакаат да присуствуваат на фестивалот и тие што веќе присуствувале и можеби и добиле награда, повторно се враќаат со нивните нови филмови и сакаат да дојдат, бидејќи го почитуваат и ценат нашиот фестивал.

Тоа е клучниот мотив за програмата. Оваа година исто така ја претставуваме и кипанската кинематографија со три нови филмови, ова е нешто што до сега не било направено во Македонија. И тоа е едно од програмските одредници на фестивалот Киненова. 

Иако покажуваме капацитет и потенцијал за богата филмска продукција, сепак сме држава со помалку финансиски средства за организација на поголеми филмски фестивали. Колкав е предизвикот да се биде на чело еден ваков фестивал?

Предизвикот е огромен. Треба да имате голема мотивација за да се соочите со сите турбуленции. Како еден брод или авион кој што патува на една многу тешка и долга дестинација. Така е секоја година. Постојано се случуваат некои турбуленции. Исто така имавме и ковид криза, нешто што директно ги афектира фестивалите, односно сите настапи кои се одржуваа во живо, но и тоа го пребродивме.

Организирање на фестивал бара поддршка од општеството и од јавните институции. Ова е нешто што јас можам да кажам дека го имаме, но фестивал во ваков формат како што е нашиот бара многу поголема поддршка за да оптимално функционираат сите работи и да може тимот комфорно се чувствува, за да овозможиме се што е потребно, на пример да можат да дојдат сите автори кои сакаат да присуствуваат на фестивалот и да ги претстават филмовите.

Покрај финансиите и финансиската поддршка, потребна е поддршка од целото општество. Ова е нешто што се надевам дека ќе го одржиме и ќе го надградиме. Сите фестивали во светот се прават со општествена поддршка. Еве на пример, Сараевскиот филмски фестивал има значајна поддршка од сите локални институции во градот, од домашните компании.

Сметам дека културата, а филмот како значаен дел од неа, е особено важна во издигнувањето на едно општество и во тоа треба да придонесат сите субјекти, особено кога станува збор за финансирањето, и приватните компании меѓутоа и јавните институции.

Јас се надевам дека состјбата ќе биде подобра. Ние оваа година немавме никаков одговор од Град Скопје, што е навистина жалосно. Сепак, Град Скопје ја доби кандидатурата за Европска престолнина на културата за 2028 година.

Со разни предизвици се соочуваме ние секоја година - немајќи објективно и функционално „art house“ кино. Ние сме благодарни што ја имаме поддршката од Синеплекс, кои ни ги овозможија сите услови за фестивалот фантастично функционира, меѓутоа сметам дека „art house“ кината, поточно кино културата, мора да добие стимул и да почне да заживува.

Ние ги изгубивме речиси сите кина. Го изгубивме оној прекрасен комплекс на Кино Култура и Кино Вардар, а еве сега се нефункционални и тие што останаа, во техничка смисла. Така што, огромен е предизвикот. Ние и во такви некои услови го завршивме фестивалот во убаво светло и со помал тим мислам дека направивме одлично и високо професионално издание.

Бисера Трајковска

Фото МИА/ Киненова

Видео Андреј Бранковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан