ИНТЕРВЈУ - ЛАЗАР РИСТОВСКИ, АКТЕР: Понекогаш помислувам дека глумата ми е само работа од која лесно се заработуваат пари, што потоа ги трошам на убави работи
- Она што ме возбудува во оваа работа е процесот. Таму се наоѓам, ја кршам глумата преку колена, играм и правам сè за да не ми здодее. После тоа, она што се нарекуваат црвени теписи, рецензии, фестивали, навистина малку ме интересира. Понекогаш помислувам дека глумата ми е само работа од која лесно се заработуваат пари, што потоа ги трошам на некои убави работи, вели во интервјуто за МИА актерот Лазар Ристовски
Белград, 27 јули, 2025 (МИА)
Златко ШУМКОВСКИ
-На четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ што ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран, лауреат на наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот е Лазар Ристовски. Тој е еден од најдобрите српски актери, познат по своите значајни улоги во театарот како и во филмовите „Игмански Марш“ (1983), „Оригинал на фалсификатот“ (1991), „Тито и јас“ (1992), „Подземје“ (1995), „Балкански правила“ (1997), „Буре барут“ (1998), „Бело одело“ (1999), „Пад во рајот“ (2004)... Покрај глумата, тој е и продуцент, режисер, како и писател на неколку книги.
Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“ (1985), а другиот е „Збогум на дваесеттиот век“ (1998). Роден е во Војводина, во Србија, но има македонско потекло.
Јани Бојаџи, директор на „Фестивалот на балканскиот и медитеранскиот филм Преку езерото“ нагласи дека Лазар Ристовски е еден од оние актери кои се нарекуваат вистински амбасадори на балканскиот и медитеранскиот филм во неговата апсолутна форма и содржина.
Актерот за големи улоги и режисер и продуцент за големи теми, зборува во интервју за МИА во пресрет на доделување на наградата на фестивалот во Дојран.
Добитник сте на наградата „Мето Јовановски“ за високи актерски достигнувања во филмската уметност, на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, бидејќи сте „вистински амбасадор на балканскиот и медитеранскиот филм во неговата апсолутна форма и содржина“. Колку наградите го менуваат пристапот на еден актер кон развојот на ликовите низ годините?
-Прво, дозволете ми да ја изразам мојата благодарност за наградата и моето посебно почитување кон ликот и делото на мојот колега Мета Јовановски. Голема чест ми е што сум добитник на оваа награда.
Наградите се убава работа, но не треба да бидат цел. Тие се последица, а не мотивација. Ако им дадете премногу значење, можат да ве заробат во суета и желба да го повторите она што веќе донесе признание. За мене, наградите се повеќе потврда дека сум на вистинскиот пат. Мојот актерски пристап, сепак, останува ист: секој нов лик е нов свет што треба да се открие, нова вистина да се изговори. Без предрасуди, без самозадоволство.

Се појавувате во два македонски филма – „Јазол“ и „Збогум на 20 век“. Од млад доктор до Дедо Мраз со специфично однесување. Колку беше тешко да се постигнат овие креации – едното кога си млад, другото кога веќе имате актерско искуство?
- Глумењето е како вино – станува посложено со возраста, а вкусот потраен. Во „Јазол“ бев млад, полн со енергија и страв. Во „Збогум на 20 век“ веќе имав искуство, но и свест за тоа што носам со себе во ликот. Младиот актер повеќе се докажува, а искусниот – повеќе го слуша ликот. Едната улога беше првата рачно напишана верзија, а другата – веќе книга со дебела корица. И двете ми се драги, бидејќи сведочат за моето патување.
Во театарот и филмот сте повеќе од четири децении. Игравте во над 80 филмови и повеќе од 4.000 театарски претстави. Во сите нив има дел од вас. За која улога среќно сте молчеле, а од која сè уште се сеќавате на дијалогот?
-Ќе одговорам на ова прашање малку чудно, а можеби и , но хировито, така се чувствувам сега. Не ги помнам моите улоги. Не сакам да се враќам во минатото. Она што ме возбудува во оваа работа е процесот. Таму се наоѓам, ја кршам глумата преку колена, играм и правам сè за да не ми здодее. После тоа, она што се нарекуваат црвени теписи, рецензии, фестивали, навистина малку ме интересира. Понекогаш помислувам дека глумата ми е само работа од која лесно се заработуваат пари, што потоа ги трошам на некои убави работи.
Во која улога сте го одиграле вашиот сон?
-„Бело одело“ беше мојот сон. Да напишам, глумам, режирам и продуцирам филм што го носи мојот личен печат. Тој лик, човек кој верува дека оделото ќе му го промени животот, е симбол на нашето постојано стремење кон нешто повисоко, поубаво, подобро. Имаше многу од мене во тој филм - и како уметник и како личност.
Во одреден момент, човекот чувствува дека повеќе не сака само да биде туѓа визија - туку да создава своја. Како режисер и продуцент, јас одлучувам за тонот, ритамот, пораката. Тоа е голема одговорност, но и голема слобода. „Бело одело“ е филмот со кој бев на Канскиот филмски фестивал. Тоа беше моја голема победа над себеси. Бев храбар и слободен во тој момент.
Од актер до режисер и продуцент - импресивно ја преминавте т.н. сценска рампа во театарските претстави, сега - рампата од актер до режисер и продуцент, особено со проекти како „Бело одело“ и подоцна - „Белите лавови“. Што Ве инспирираше да ги прифатите овие дополнителни улоги во филмската индустрија и како тие ве предизвикуваат поинаку од глумата?

-Бев инспириран од потребата да раскажувам приказни што ме допираат лично. Како актер, вие сте дел од туѓа визија. Како режисер и продуцент - таа визија станува ваша. Тоа носи поголема одговорност, но и слобода. Таа слобода може да биде застрашувачка, но во исто време и ослободувачка. Понекогаш мора да го преминеш прагот, бидејќи повеќе немаш трпение да чекаш некој друг да каже „одиме“.
Многу од вашите филмови, како што се „Underground“ и „Буре барут“, се занимаваат со сложени периоди од балканската историја. Како пристапувате кон прикажување на такви турбулентни времиња и каква одговорност чувствувате како уметник кога прикажувате вистински историски настани? Филмови за историјата на Балканот – каков е вашиот пристап и чувство на одговорност?
-Историјата на Балканот е комплексна, трагична, но и инспиративна. Не можете да пристапите кон неа без длабока емоција и почит. Во „Underground“ или „Буре барут“, играв луѓе кои не се само ликови, туку симболи на едно време, на заблуда, на надеж. Чувствувам одговорност да бидам искрен. Не да пресудувам, туку да сведочам. Уметникот не е судија, но може да биде совест.
Колку се важни слободата и автентичноста во глумата и животот?
-Слободата е сè. Без неа, нема автентичност. Автентичноста е она што публиката го препознава и зошто му верува на актерот. Но, автентичноста доаѓа само кога актерот станува човек, свесен за себе и за своето место во светот. Во животот, како и во уметноста - ако не си свој, тогаш не си ничиј.

Како основач на фестивалот „Равно Село“ - што би им порачале на младите актери и креатори?
-Не им давам совети на младите луѓе. Сакам да работам со млади луѓе на таков начин што ќе се чувствуваат рамноправни. Им давам шанса.
Фото: Од приватната архива на Лазар Ристовски