• петок, 22 ноември 2024

Инклузивноста на Ромите важна за економскиот развој на државата

Инклузивноста на Ромите важна за економскиот развој на државата
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Ромската популација е една од засегнатите страни вклучени во економските политики, нивната подобра интеграција и вклучување во сите сфери ќе даде придонес за севкупниот економски развој во државата, порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната отворање на меѓународниот „РЕДИ самит“. Вицепремиерот истакна дека настанот е од особена важност и дека тема на разговор била интеграцијата на ромската популација во циркуларната економија. - Ромската популација е една од засегнатите страни и нивната подобра интеграција и вклучување во сите сфери во државата ќе даде придонес за севкупниот економски развој во државата. Денеска се зборува за тоа како ромската популација се интегрира во циркуларната економија, особено во зелената и енергетската транзиција, која е еден до императивите на оваа влада, но и на цела Европа. Тема која доаѓа токму кога зборуваме за кризи и кои се последиците од кризите, ние зборуваме како понатаму ќе треба секој чинител да зафати еден сегмент од циркуларната економија која е клучот во економската транзиција, изјави Битиќи. Тој додаде дека токму прифаќањето на различностите е основа за целокупен развој кој ќе ја приближи државата до Европската Унија. - Прифаќањето на различностите е основа на развојот етничката припадност и различностите. Треба да се третираат подеднакво сите за сите соодветно да се најдат во сегментот во кој можат да придонесат, пред 23 години кога ја започнав својата кариера се занимавав со интеграцијата на Ромите, ситуацијата е далеку подобра, но има уште многу да се направи за нивната интеграција,  но би рекол и на сите други, конечно кога ќе разбереме дека различностите се клучот за успех во една земја која е збир на многу различности сметам дека ќе стигнеме таму каде што ние целта, а тоа е развиена земја подготвена да биде дел од Европската Унија, рече вицепремиерот. Во однос на политиките насочени кон подобрување на положбата на ромската популација истакна дека се преземени различни мерки. - Република Северна Македонија, оваа година, подготви и усвои нова Стратегија за инклузија на Ромите 2022 - 2030 по насоките дадени во Стратешката рамка на ЕУ за Ромите. Покрај ова, во програмата на Владата на Република Северна Македонија 2020 - 2024, инкорпорирани се различни мерки за поддршка и инклузија на Ромите, како активни мерки за вработување, унапредување на законската регулатива и формализирање на работата. Инвестирањето во развојот на ромската заедница има долгорочни придобивки, во поглед на подобрувањето на социјалната кохезија и економскиот статус за Ромите на долгорочен план, оцени Битиќи. Тој нагласи дека она што е особено значајно е политичката волја за имплементација на Стратегијата за Ромите во земјава и за следење на сите европски препораки кои се однесуваат на инклузија на Ромите во општествата. - Владините антикризни мерки кои беа одговор на кризите беа наменети за заштита на најранливите категории граѓани. Од почетокот на енергетската и економска криза, Владата даде енергичен одговор, со цел никој да не остане изоставен. Во рамки на мерките за поддршка на компаниите пак, се предвидува проширување на опсегот на компании кои се корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Во 2021 година преку Развојната банка беа подржани 17 ромски бизниси. Истовремено, продолжува можноста за формализација на дејноста преку самовработување со грантови каде што се зголемува бројот на Роми коишто формираат и регистрираат свои сопствени бизниси во рамките на Оперативниот план за активни мерки и досега околу 70 лица ја искористиле оваа можности, истакна вицепремиерот пред присутните. Директорот на Канцеларијата за ромски иницијативи „Отворено општество“, Жељко Јовановиќ во своето обраќање на собирот ја потенцира важноста на носењето на нови политики и нови идеи. - Имаме криза на идеи, бидејќи сите овие години имаме исти конференции, исти проблеми и исти пораки, овој настан е поинаков затоа што имаме различни учесници и тоа е еден чекор напред, гледаме луѓе од бизнис фелата, владини претставници, и оттука моите очекувања се од овој настан да произлезат нови поразлични идеи, оцени Јовановиќ. Програмите за закрепнување и отпорност во неколку земји за да се дознае дали тие ги вклучуваат или ги изоставуваат ромските заедници е една од темите, а исто така, засегнатите страни, односно јавните институции, невладините организации, европските и меѓународните институции, социјалните иноватори и претприемачите, ќе дискутираат околу развојот на Ромите во Агендата за зелена и дигитална трансформација на Европската Унија. Второто издание на меѓународниот „РЕДИ самит“ е во организација на здружението Иницијатива за Економски Развој на Ромите (РЕДИ) и има за цел стекнување знаења и изнаоѓање нови и иновативни пристапи за промовирање на вклученоста на Ромите. свс/сп/

Остани поврзан