• сабота, 06 декември 2025

Инклузивната игротека „Радост“ прерасна во Дневен центар

Инклузивната игротека „Радост“ прерасна во Дневен центар

Охрид, 29 мај 2025 (МИА) - Инклузивната игротека „Радост“ во Охрид прерасна во Центар за дневен престој на лица со попреченост и индивидуални третмани. Дневниот центар, како што информира Весна Габелоска од Здружението за воспитно образовна психо-социјална поддршка В.О.П.С поддршка-Охрид, ќе опфаќа две групи, лица со пореченост од тригодишна возраст до 18 години и лица над 18 години.

За да го посетуваат Дневниот центар ќе треба да добијат решенија од Центарот за социјална работа врз основа на препораката на МКФ Комисијата за функционална проценка.

- За да се посетува Центарот, родителите претходно треба да го однесат детето на Комисијата за функционална проценка, која се наоѓа во зградата на Црвен крст. Тие препорачуваат користење на Дневен центар и идивидулани третмани и врз основа на таа препорака Центарот за социјални работи издава решение, а со тоа доаѓаат кај нас и можат да ја користат услугата. Според Правилникот во нашиот Центар ќе можеме да примиме 24 деца за услугата дневен престој и уште 20 деца за услугата индивидуални третмани, изјави Габелоска.

Правилникот за дневни центри предвидува едно стручно лице и еден неговател на секои шест деца.

- За 24 деца имаме по четири стручни лица и негователи и уште по две стручни лица кои ќе работат индивидуални третмани како дефектолог, логопед, психолог и социјален работник. Исто така во добиеното решение од Министерството за труд и социјална политика, на наше барање, наведено е дека ни е одобрено и физиотарапевт по потреба, појасни Габелоска.

Во Центарот, нагласи, децата ќе може да најдат соодветно место кадешто ќе бидат згрижени на соодветен начин, ќе излезат од дома, ќе се отвори еден простор во општината за нив.

- Важно е за нивната социјализација, за одржување на нивната општа здравствена состојба и нивниот напредок. Тука е стручниот тим кој ќе работи со нив. Родителите ќе можат осум часа во денот да се посветат, односно да се вратат некако во животот, да работат, да остваруваат и други активности, а детето ќе биде на место каде ќе биде среќно и ќе бидат задоволени неговите потреби. За малите деца тоа значи социјализација уште од мали нозе, па потоа и многу полесно вклучување во училиштата, олеснување на целиот процес на инклузија, вели Габелоска.

Просторот и реживските трошоци ги покрива Општина Охрид, а со одлука на Советот доделно и им е комбе со рампа, кое ќе може да ги превезува децата од домовите до Дневниот центар и назад, што дополнително ќе им олесни на родителите. сс/бак/

Фото: ВОПС

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан