• петок, 22 ноември 2024

„Инклузива“ во Куманово отвори Дневен центар за индивидуална и групна работа за деца со попреченост

„Инклузива“ во Куманово отвори Дневен центар за индивидуална и групна работа за деца со попреченост

Куманово, 8 октомври 2024 (МИА) - Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово денеска го промовираше Центарот за пружање на бесплатни услуги за работа за развивање и стекнување на животни, воспитни, социјални и културни вештини преку индивидуална и групна работа. Објектот е сместен во поранешната месна заедница спроти Основното училиште „Толи Зордумис“. Средствата за негова санација и адаптација се обезбедени од Општината и поддршка на локалната бизнис-заедница.

- Во објектот функционираат две услуги, лична асистенција и дневен центар за индивидуална работа со дечиња од пет до дванаесетгодишна возраст. Сега имаме веќе 41 дете кое го посетува овој центар и му се даваат индивидуални услуги. „Инклузива“ повеќе време го бараше овој простор за да најде соодветно место за да биде оформено, реновирано по сите стандарди за пристапност на оваа категорија. Сите институции, но и градежните компании ги повикуваме да ги запазат овие стандарди што се применети овде, бидејќи сè што се прави, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни, ниту ги исполнуваат критериумите за пристапност. Постои закон, постои правилник, но повторно се градат објекти кои не се пристапни. На родителите би им испратила порака да бидат упорни, да зацврснат како луѓе, да ни се приклучат во оваа наша мисија ако сакаме уште поголеми права затоа што мала група на луѓе може да направи многу, а поголема уште повеќе. Не обвинуваме никого за оваа состојба во која се наоѓаат семејствата и децата со попреченост туку да дадеме придонес сите да не разберат и да прифатат она што нам ни е потребно, изјави претседателката на здружението Благица Димитровска.

За таа цел, „Инклузива“ ангажира тим од дефектолози, логопеди, социјални работници, психолози, кои работат со децата на усвојување на комуникациски, интелектуални, моторни и когнитивни вештини. „Инклузива“ го спроведува проектот со поддршка на Општина Куманово, преку сектор за социјална заштита и се однесува на индивидуална и групна работа со деца со попреченост.

- Чест ми е што присуствувам на вакви проекти кога од идеја ќе се реализираат вакви проекти за работа со лица со попреченост, ќе даде услуга на голем број деца од оваа категорија. Нема да застанеме тука, јавно ги повикувам сите што се занимаваат со вакво тип на делување во општеството да се одважат и да се вклучат со нови предизвици со нови идеи општината е тука да помогне, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Тој повика ресорното министерство за труд и социјална политика да ги интензивира активностите во локалните заедници за да можат општинските пари да се трансферираат за различни социјални услуги со кои ќе им се помогне на ранливите категории.

Претседателката на советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска рече дека ваквите услуги се неопходни за развој на децата. Свесна е за зголемените потреби на децата од новите генерации за логопедски услуги, бидејќи доаѓа од образованието.

- Не секој родител може да си дозволи за час логопедски услуги 600 денари, потребни се вакви центри. Има дел од средства останати во буџетот и може да се искористат да се дуплира услугата. Како општество, како политичари мора да сме посензитивни за потребите на различните категории граѓани, услугите треба да се развиваат во таа насока, изјави Ѓорѓиевска.

Покрај индивидуалната работа со логопед, со специјален едукатор и рехабилитатор, според првичната проценка на детето ќе бидат ангажирани и други стручни лица ако детето има потреба од друг вид поддршка. Во рамки на проектот предвидени се и социјални активности, посета на изложби, концерти, театар. Ќе бидат вклучени и родителите на кои ќе им се пружи психо-социјална поддршка.

Општина Куманово додели вкупно три милиони денари на пет граѓански здруженија кои се пријавија на јавниот повик за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита. „Инклузива“ доби милион и 150.000 денари за центар за дневен престој при што нудат индивидуална работа со деца со попреченост. ам/мд/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан