• недела, 22 декември 2024

Иницијативата „Култура или фискултура“ бара за в.д. директор на Центарот за култура да биде назначен нивен член

Иницијативата „Култура или фискултура“ бара за в.д. директор на Центарот за култура да биде назначен нивен член
Струмица, 30 август 2021 (МИА) - Јавно и се обраќаме на министерката за култура, преку вас медиумите, со барање доколку назначи в.д. директор, тоа да биде член на драмскиот ансамбл со компетентно високо образование, член на иницијативата „Култура или фискултура“. Ова го побараа денеска на прес конференцијата членовите на ова здружение, откако на 18 август беше објавено дека Управниот суд на 8 јули го поништил огласот за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“ од декември лани. Своето барање тие го темелат на тоа што во декември лани се обратиле со писмен допис до министерката Стефоска барајќи да избере компетентен, професионален и стручен кадар за прв човек на институцијата. Во подоцнежните средби со неа, како што велат, разбрале дека дописот не стигнал до неа. Минатата седмица, поттикнати од новонастанатата ситуација, повторно испратиле апел до неа. Актерката Ангелина Иванова рече дека наближува денот кога пресудата добива правосилност и извршност. -Јавно е познат ставот на ресорното Министерство дека ќе постапи согласно препораките и насоките изречени во пресудата од судот. Но, во време кога државата е во изборен процес, повторувањето на постапката за избор на генерален директор е спротивно на законските одредби. Останува можноста привремено да се назначи в.д. директор, рече Ангелова. Според неа, за в.д. директор имало повеќе имиња на, како што рече, неискусни и некомпететни колеги кои биле вработени во институцијата од неодамна и други на кои им остануваат само неколку месеци до пензионирање. Единствено заедничко за сите имиња кои биле можни идни в.д. директори, како што рече, била припадноста кон актуелната власт. Додаде доколку нивните барања бидат игнорирани повторно ќе излезат на улица. Иницијативата „Култура или фискултура“, во која членуваат актери од Струмичкиот театар, изминатите осум месеци организираше повеќе протести во Струмица и Скопје со кои предупредуваа на незаконитоста на постапката за избор на актуелниот директор, Васил Бубев. рт/мд/

Остани поврзан