• недела, 22 декември 2024

Инженери изразија незадоволство од одлуката за доделување концесија за Чебрен

Инженери изразија незадоволство од одлуката за доделување концесија за Чебрен

Скопје, 8 октомври 2023 (МИА) - Под мотото „Чебрен и водите мораат да бидат македонски“ денеска кај Камениот мост во Скопје претставници на Здружението на инженери изразија незадоволство од владината одлука за доделување на концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија на грчката компанија ППЦ „Архиродон“.

Професорот Константин Димитров во изјава за медиумите рече дека овој проект треба да го води државата, а не да се дава на која било друга држава.

- Или, ако веќе се прави партнерство, Македонија треба да биде најмалку 51 процент сопственик, да може да управува, да раководи и профитот од тоа сепак да остане, генерално, во Македонија, изјави Димитров.

Според инженерите, хидроцентралата „Чебрен“ е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и кога за четири години поради зелената транзиција треба да престанат да работат РЕК Осломеј и РЕК Битола, тогаш „Чебрен“ треба да и овозможи на државата енергетска независност.

- Велат дека таа хидроцентрала ќе се даде на 60 години на странски инвеститор на користење, а РЕК Битола сега има 40 и нешто години и веќе се случуваат многу големи хаварии, изјави Дениз Мустафаоглу, машински инженер.

Поддршка на денешниот собир даде политичката партија „Левица“ од каде побараа преиспитување и повлекување на владината одлука за концесијата за Чебрен.

- Чебрен треба да биде државен проект, а не да се подарува или распродава на странски интереси - бидејќи таа има стратешко значење за енергетската независност на Македонија и може да допринесе за остварување на домашните енергетски цели и потреби, се наведува во соопштението од Левица. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан