Индија сигнализира дека е подготвена да ги развива економските односи со Кина по надминувањето на тензиите долж нивната граница
- Индија и Кина ќе разгледаат повеќе аспекти од нивните билатерални односи откако ќе заврши процесот на повлекување на нивните војници од последните две точки на соочување долж нивната заедничка граница на Хималаите, изјави индискиот министер за надворешни работи, Субрахмањам Џаишанкар.
Њу Делхи, 3 декември 2024 (МИА) - Индија и Кина ќе разгледаат повеќе аспекти од нивните билатерални односи откако ќе заврши процесот на повлекување на нивните војници од последните две точки на соочување долж нивната заедничка граница на Хималаите, изјави индискиот министер за надворешни работи, Субрахмањам Џаишанкар.
Тој ги кажа забелешките пред индискиот Парламент шест недели откако Њу Делхи и Пекинг постигнаа договор за ставање крај на четиригодишните воени тензии. Индија сега сигнализира дека сака да ги подобри економските врски, кои исто така беа погодени од ситуацијата на границата.
Односите меѓу двете најнаселени земји во светот, кои се и нуклеарни сили, се затегнати од 2020 година кога избувнаа судири меѓу нивните воени единици долж границата во западниот дел на Хималаите. Во борбите загинаа 20 индиски и четворица кинески војници.
Граничниот конфликт ја натера Индија да ги прекине директните летови кон Кина, да забрани стотици кинески мобилни апликации и да воведе дополнителни проверки на кинеските инвестиции.
Њу Делхи рече дека билатералните односи не можат да се нормализираат додека не се постигне мир долж границата. Кина изрази став дека не треба да се дозволи граничниот конфликт да им пречи на другите области на односите меѓу двете земји. рп/
Фото: МИА архива