• понеделник, 23 декември 2024

Индикаторни мерни станици за контрола на аерозагаденоста во Неготино, Вешје и Војшанци

Индикаторни мерни станици за контрола на аерозагаденоста во Неготино, Вешје и Војшанци

Неготино, 18 јануари 2024 (МИА) - Три индикаторни мерни станици за контрола на аерозагаденоста се поставени и веќе се во функција во Неготино и во селата Војшанци и Вешје, информираше вечерва Сашко Тодоров, претседател на еколошкото здружение „Ековита“ од овој град.

- Продолжуваме до поставување на 10 станици следниот период. Ќе добиеме споредбени вредности од повеќе точки. Станиците даваат резултати за пет параметри. Температура, влажност, атмосферски притисок, пм 2.5 и пм 10 честички. Населението, особено земјоделците, може да добијат резултати за овие параметри за период до една година, во секое време преку интернет, појасни за МИА, Тодоров, дипломиран инженер биолог.

Тој потсети дека според првичните сознанија, загадувањето на воздухот во Неготино е најголемо во вечерните часови, кога домаќинствата масовно се затоплуваат со различен вид греење.

- Активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Младински активизам за позелени општини“, од страна на Здружението на граѓани „Ековита“ во соработка со „Антигонеа бајкинг“, поддржан од Македонско здружение на млади правници, „Гоу грин“, младинска асоцијација „Креактив“ - Кавадарци, Центар за климатски промени Скопје, финансиски поддржан од делегацијата на Европската Унија, додаде Тодоров, нагласувајќи дека „Ековита“ години наназад се залага за почиста и поздрава животна средина. свд/бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан