• петок, 17 мај 2024

Именувани нови раководители во четири генерални директорати на Европската комисија 

Именувани нови раководители во четири генерални директорати на Европската комисија 

Брисел, 6 септември 2023 (МИА) - Европската комисија на денешното заседание донесе одлука за именување на шест носители на раководни функции на четири нејзини генерални директорати. 

За заменичка генерална директорка задолжена за меѓународната димензија на политиките за правдата, владеење на правото и еднаквоста на Генералниот директорат за правда и потрошувачи на ЕК е именувана Ирена Моозова од Чешка.  

Во истиот Директорат за директорка за потрошувачи е назначена Изабел Перињон, а за директор за владеење на правото, фундаментални права и демократија е именуван Жилиен Мусние и двајцата од Франција 

За нова директорка за управување со ресурси во Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој е назначена Кармен Роза Нарањо Санчез од Шпанија, а за директорка за ресурси, меѓуинституционални односи, комуникации и граѓанско општество во Генералниот директорат за трговија е именувана нејзината сонародничка Софија Муњоз Албаран. За директорка за расходи во Генералниот директорат за буџет е поставена Ленка Филипкова од Чешка. 

Моозова и работно искуство од речиси 30 години во јавната администрација на европско и национално ниво и длабоко познавање за клучните приоритети и политики на Комисијата, како и за нејзините административни практики и процедури.  

- Имајќи бројни менаџерски позиции, таа има докажано искуство во обезбедувањето успешно лидерство. Таа, исто така, има стекнато големо искуство во претставување на Комисијата во меѓународните преговори на високо ниво и поседува одличен капацитет за ефективно комуницирање со надворешните чинители, се наведува во образложението. 

Ирена Моозова моментално е директорка за еднаквост и европско граѓанство во Генералниот директорат за правда и потрошувачи. Пред тоа, таа работела како раководител на оддел во Генералниот директорат за комуникации. Во Европската комисија таа е вработена од 2006 година како шеф на претставништвото во Прага, а пред тоа 15 години работела во чешкото Министерство за надворешни работи, при што била и заменик амбасадор на Чешка во Шпанија. 

Перињон во изминатите децении извршувала различни раководни позиции во Комисијата, поврзани со кривичното право, спроведување на законот и формирањето на Европското јавно обвинителство.  

- Таа, исто така, беше член на Кабинетот на неколку комесари, вклучително и комесарката за вредности и транспарентност Вера Јоурова и поранешната комесарка за внатрешни работи Сесилија Малмстром. Благодарение на нејзините поранешни искуства, таа има одлични стратегиски вештини за планирање, координација и управување, заедно со големото искуство во преговорите во име на Комисијата со надворешни чинители, посочува ЕК. 

Перињон моментално е заменик-шеф на Кабинетот на комесарот за правда Дидие Рејндерс. Од 2017 до 2019 година работела како раководител на одделението за процесно кривично право во Генералниот директорат за правда и потрошувачи, а пред тоа во Генералниот директорат за внатрешни работи како заменик-раководител на Одделението за борба против организираниот криминал и како раководител на сектор во Одделението за полициска соработка и односи со Европол. Пред да се приклучи на Комисијата во 2003 година, Изабел Перињон ила адвокат специјализирана за правото на ЕУ. Таа има магистратури по европски правни студии и по бизнис студии. 

Мусние има 23-годишно искуство во работењето во Комисијата на различни раководни позиции во областите на правдата, владеењето на правото, потрошувачките прашања, внатрешните работи и миграцијата.  

- Тој поседува исклучителни организациски, координациски и менаџерски вештини заедно со длабоко познавање на институционалните процеси на донесување одлуки. Мусние поседува опширно знаење и широка перспектива за различните досиеја со кои се работи во Дирекцијата за која тој ќе биде одговорен, се посочува во соопштението. 

Мусние моментно е раководител на Одделението за координација на политиките - граѓани, еднаквост, демократија и владеење на правото во Генералниот секретаријат на Комисијата. Од 2014 до 2018 година тој бил раководител на одделение и заменик раководител на Одделението за координација на политиките – граѓаните и безбедноста при Генералниот секретаријат. Претходно, работел во Кабинетот на поранешен еврокомесар за земјоделство и рурален развој Фишер Боел и во Генералниот директорат за животна средина. Пред да се вработи во Комисијата во 2000 година, тој работел како шеф на европската канцеларија на „Американ Електроник Асосиејшн“ и како раководител на француската групација „Гран Суд“. Мусние е магистер по европско и германско право. 

Во текот на нејзиното 22-годишно искуство во Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој, како што наведува ЕК, Нарањо Санчез ги усоврши своите менаџерски вештини во различни области, вклучувајќи координација, меѓуинституционални прашања и човечки ресурси.  

- Во својот нов капацитет, Нарањо Санчез ќе се потпира на своето длабоко познавање на земјоделската политика заедно со нејзиниот покажан капацитет за спроведување на здрава стратешка координација и управување со човечките и финансиските ресурси, заедно со силни интерперсонални вештини и стратешки ум, се додава во соопштението. 

Нарањо Санчез моментално ја извршува функцијата раководител на Одделението за стратешко програмирање, внатрешна контрола и меѓуинституционални односи при Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој. Од 2014 до 2019 година, таа била раководител на Одделение за персонал и администрација во овој Директорат, а пред тоа била заменик-раководител на Одделението за човечки капитал и кариерен развој и в.д. раководител на Одделението за стратешко планирање, внатрешна контрола и односи со Европскиот ревизорски суд. Нарањо Санчез, која работи во Европската комисијата во 2001 година, има две магистерски дипломи и тоа за европски политички и административни студии и за споредбено европско право.  

За Муноз Албаран, Европската комисија посочува дека нејзината нова улога ќе се надоврзе на над 25-годишното работно искуство во Генералниот директорат за трговија на различни лидерски позиции.  

- Таа поседува темелно познавање на клучните димензии на трговската политика на ЕУ, како и силни организациски, координативни и менаџерски вештини. Таа има стекнато големо искуство во успешно управување со различни тимови и проекти во текот на нејзината кариера, како и во претставување на Комисијата во преговарање билатерални трговски договори со меѓународни партнери и во управувањето со нивната имплементација, наведува ЕК. 

Муњоз Албаран во моментов е в.д. директор за ресурси, меѓуинституционални односи, комуникации и граѓанско општество во Генералниот директорат за трговија, а од 2007 и 2015 година работела како раководител и заменик-раководител на одделот се евромедитеранско партнерство во Директоратот. Од 2001 до 2005 година била билатерален координатор за трговски односи на ЕУ со Русија и Украина. Таа има две магистерски дипломи по меѓународна политика и европско право и докторат по политички транзиции во Источна и Централна Европа. Пред да се вработи во Комисијата во 1998 година, таа работела како адвокат специјализирана за конкурентност. 

Ленка Филипкова има повеќе од 15 години работно искуство на различни раководни позиции во Генералниот директорат за буџет, каде, како што посочува ЕК, се стекна со солидно искуство во водењето сложени буџетски преговори со земјите членки, во координација и подготовка на годишниот буџет и во претставувањето на Комисијата на високо меѓуинституционално и меѓународно ниво.  

- Нејзиното солидно раководење и лидерство, како и стратешките и аналитичките вештини ја прават добро прилагодена да придонесе за севкупната стратешка ориентација и управување со Генералниот директорат за буџет, се наведува во соопштението. 

Филипкова моментално е раководител на Одделението за буџетски процедури и извршување и односи со буџетските комисии во овој Директорат, а пред тоа работела и во Одделението одговорно за повеќегодишната финансиска рамка, ресурсите и проширувањето. Пред да се приклучи на Европската комисија во 2007 година, Филипкова осум години работела во Министерството за финансии на Чешка и била вклучена во преговорите за членство на земјата во ЕУ и потоа за изработката на повеќегодишната финансиска рамка. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан