• петок, 14 март 2025

Илон Маск реагира на одлуката на Европскиот суд за човекови права за романскиот политичар Георгеску

Илон Маск реагира на одлуката на Европскиот суд за човекови права за романскиот политичар Георгеску

Вашингтон, 7 март 2025 (МИА) - Американскиот милијардер Илон Маск, кој е дел од администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, реагираше на платформата Икс на одлуката на Европскиот суд за човекови права да ја отфрли жалбата на романскиот крајнодесничарски политичар Калин Георгеску во врска со поништувањето на изборните резултати.

Маск веќе неколку месеци се вмешува во европската политика, а особено во романската, преку објави во поддршка на Георгеску кој победи во првиот круг на анулираните претседателски избори во Романија минатата година. 

По одлуката на Европскиот суд, Маск сподели објава со дезинформации од конзервативниот инфлуенсер Марио Ноуфол, коментирајќи: „Каков е овој суд и како тие може да ги поништат изборите?“

Инаку, Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори. Во првиот круг изненадувачки победи Калин Георгеску, малку познат краен десничар и поддржувач на Владимир Путин, кој речиси целата своја кампања ја водеше на ТикТок. Одлуката на Уставниот суд дојде откако беа откриени доверливи разузнавачки документи кои сугерираат дека Георгеску профитирал од масовно странско влијание врз изборите.

„Одлуката за поништување беше единственото правилно решение по објавувањето на документите кои покажуваат дека резултатот на гласањето на Романците бил грубо искривен со интервенција на Русија“, изјави тогаш премиерот Марцел Чолаку. ссм/

Остани поврзан