• четврток, 04 декември 2025

Илинденска честитка на вицепремиерот Димовски

Илинденска честитка на вицепремиерот Димовски

Скопје, 2 август 2025 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем и претседател на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски, упати честитка по повод 2 Август Денот на Републиката - Илинден.

-Илинден е најголемиот македонски национален празник со посебно значење во памтењето на македонскиот народ. 2-ри август 1903 година и Илинденското востание и 1944 година со оддржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Затоа овој празник е длабокиот белег на сето она за што сме чезнееле, она што го имаме и го живееме денес, но и она што го посакуваме за во иднина. Илинден, е трајниот белег на историската борба на македонскиот народ за национална слобода и стремежот за самостојна македонска држава. Илинден е денот кога силно ја изразуваме големата благодарност кон сите македонски херои кои со својата пожртвуваност се вградени во нашето денес да живееме во современа, независна и меѓународно призната држава, се наведува во честитката.

Споменувањето на овие херои, се посочува, е поттик да продложиме во мир и во заедништво да ја градиме државата во духот на демократијата и европските вредности.

-Ние, современите македонски социјалисти длабоко им се поклонуваме на нашите претходници великани, македонските херои, илинденците и борците од Народно ослободителната борба и револуција, и на нивните жртви кои се темелот на македонската државност. Нивното дело е силен мотив за нови достигнувања, крупни промени во македонското општество и развој на Македонија на секое поле. Тоа е основата за градење на нашето единство и сплотеност како дел од борбата за Македонија која ја водиме и денес. Наметната и неразумна борба за сочувување на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и нашето национално достоинство. Борба во која повторно ќе излеземе победници над истите оние од нас различните кои секогаш бивале поразени. Нека ни е честита 122 годишнината од единственото и само македонско Илинденско востание и 81 годишнината на АСНОМ! Честит да ни е светлиот и свет Илинден! Честит да ни е Денот на Републиката!, стои во честитката од вицепремиерот Димовски. вг/

Фото: МИА Архива



Остани поврзан