• петок, 05 декември 2025

Израел се согласи на билатерален прекин на огнот со Иран

Израел се согласи на билатерален прекин на огнот со Иран

Тел Авив, 24 јуни 2025 (МИА) - Израел потврди дека се согласил со предлогот на САД за билатерален прекин на огнот со Иран, но „силно ќе одговори“ на секое кршење на прекинот на огнот, објави кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во соопштението се наведува дека Нетанјаху се сретнал со кабинетот, министерот за одбрана, началникот на Генералштабот на ИДФ и шефот на Мосад „за да извести дека Израел ги постигнал сите цели на операцијата „Подемот на лавот“ и уште повеќе“, објави „Тајмс оф Израел“.

„Израел отстрани двојна непосредна егзистенцијална закана - и нуклеарна и балистичка ракета“, се додава во соопштението.

Според соопштението, „ИДФ постигна целосна воздушна контрола над Техеран, нанесе сериозна штета на военото раководство и уништи десетици цели на централните ирански владини сили“.

Во него, исто така, за прв пат е објавено дека е убиен уште еден висок нуклеарен научник.

„Дури и во изминатиот ден, ИДФ нанесе тешки удари врз режимски цели во срцето на Техеран, елиминирајќи стотици оперативци на Басиџ, апаратот на угнетување на режимот, и убивајќи уште еден висок нуклеарен научник“, се додава во соопштението.

Притоа „Израел им се заблагодарува на американскиот претседател Доналд Трамп и на САД за нивната поддршка во одбраната и учеството во елиминирањето на иранската нуклеарна закана“, се наведува во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Во светлината на постигнувањето на целите на операцијата и во целосна координација со претседателот Трамп, Израел се согласи со предлогот на претседателот за билатерално примирје“, соопшти кабинетот на премиерот, додавајќи дека Израел „силно ќе одговори на секое кршење на примирјето“, се наведува во првата официјална израелска реакција по склучениот договор за прекин на огнот со Иран, а со посредство на американскиот претседател и катарскиот премиер Мохамед Абдулрахман ал-Тани.

Американскиот претседател Доналд Трамп рано утрово објави дека е постигнат договор за прекин на огнот и дека војната меѓу Израел и Иран е завршена, но по тоа двете страни испукаа нови ракети.

Во меѓувреме, иранската државна телевизија објави дека прекинот на огнот стапил на сила утрово во 7:30 часот по локално време, но иранските власти досега официјално не потврдија дека прекинот на огнот стапил на сила.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан