• недела, 24 ноември 2024

Израел најави дека ја интензивира офанзивата на копнената армија во Газа

Израел најави дека ја интензивира офанзивата на копнената армија во Газа

Ерусалим, 28 октомври 2023 (МИА) - Портпаролот на израелската Армија денеска изјави дека Израел ја засилува својата офанзива во Појасот Газа со пешадија и оклопни возила, поддржани од, како што рече, „обемни“ воздушни и морски напади, пренесе Бета.

Контраадмиралот Даниел Хагари рече дека израелските сили „ја продолжуваат војната“.

Претходно денеска војската објави видео снимка на која се гледаат низи оклопни возила кои бавно се движат низ отворениот песок на Газа како прва визуелна потврда за влезот на копнените сили. Во претходните денови Армијата вршеше ноќни напади на копнената војска и набрзо се врати на територијата на Израел.

Војската објави не многу технички јасни слики од тенкови колони кои се движат низ делови на Газа и рече дека нејзините воени авиони бомбардирале десетици тунели и подземни бункери на Хамас во текот на ноќта. Ова укажува на интензивирање на кампањата за уништување на палестинската група која е на власт во Појасот Газа, по нејзиниот крвав упад на југот на Израел пред три недели.

Првата видео потврда за присуството на копнените сили и силното бомбардирање на подземни цели се нов знак дека Израел е се поблиску до општа инвазија на Газа, пренесе Бета.

Портпаролот на израелската армија Хагари доцна синоќа изјави дека копнените сили ги „прошируваат своите активности“ во Газа и дека дејствуваат „со голема сила... за да ги постигнат целите на војната“.

Израел собра стотици илјади војници долж границата пред очекуваната поширока копнена офанзива. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан