• четврток, 02 април 2026

Израелското Министерство за одбрана запира со набавка на француско оружје поради критиките за Газа

Израелското Министерство за одбрана запира со набавка на француско оружје поради критиките за Газа

Тел Авив, 31 март 2026 (МИА) - Израелското Министерство за одбрана донесе одлука за целосен прекин на набавката на оружје од Франција, како дел од поширокиот план за намалување на соработката со земјите кои преземаат чекори против Израел, јавија локалните медиуми.

Генерал-мајор Амир Барам, главен директор на Министерството, потврди дека израелската Влада во иднина ќе се потпира на домашната одбранбена индустрија и на добавувачи од „пријателски“ земји. Иако постојните договори се очекува да бидат испочитувани, оваа одлука означува дополнително заладување на односите меѓу Тел Авив и Париз, кои се во постојан пад од почетокот на војната во Газа.

Практичниот ефект од оваа мерка се смета за ограничен, со оглед на тоа што Франција и Израел се главно конкуренти на глобалниот пазар на оружје. Според официјалните податоци, францускиот извоз на стоки со двојна намена кон Израел во 2024 година изнесувал 76,5 милиони евра, што е пад од 60 отсто во споредба со претходната година.

Дипломатските тензии се заострија откако Франција минатата година ја призна палестинската државност и постојано ги осудуваше израелските воени операции, повикувајќи на итен прекин на огнот. Дополнително, Париз претходно им забрани на израелските компании да учествуваат на големите меѓународни саеми за вооружување во Франција. ссм/

фото: архива

Остани поврзан