• вторник, 17 декември 2024

Израелските адвокати демонстрираа против реформата на судскиот систем

Израелските адвокати демонстрираа против реформата на судскиот систем

Тел Авив, 12 јануари 2023 (МИА) – Стотици израелски адвокати демонстрираа денеска пред судот во Тел Авив поради контроверзниот план за реформа на судскиот систем, кој го планира новата Влада на Бенјамин Нетанјаху, уверени дека и се заканува на демократијата.

Минатата недела министерот за правда Јарив Левин најави реформи кои имаат за цел да ја зголемат моќта на избраните функционери во однос на судиите.

Тие реформи вклучуваат воведување клаузула за поништување што му дозволува на израелскиот Парламент (Кнесет) да ги суспендира одлуките на Врховниот суд со просто мнозинство гласови и промени во процесот на назначување судии, кои, меѓу другото, мора да бидат назначени од политичките лидери.

„Врховниот суд нè штити сите нас“, пишувало на транспарент пред Окружниот суд во Тел Авив, каде адвокатите скандираа „Срамота, срамота“ и „Нема да дозволиме ова да се случи“.

– Именувањето на судиите ќе биде политичко. Судовите нема да бидат независни, туку ќе бидат контролирани од политичари, рече еден од учесниците на демонстрациите, додавајќи дека е опасно, бидејќи мислите на политичарите се водат од интересите на нивните партии, а не населението во целина.

Во отвореното писмо објавено денеска, поранешните главни обвинители наведуваат дека се шокирани од предложената реформа.

– Убедени сме дека овој проект нема да дозволи подобрување на (судскиот) систем, туку се заканува да го уништи, напишаа 11 поранешни високи правни функционери.

Реформата беше предложена во време кога на премиерот Нетанјаху му се суди за корупција во три случаи.

Тој веќе беше премиер од 1996 до 1999 година, а потоа од 2009 до 2021 година, а кон крајот на декември ја формираше најдесничарската Влада во историјата на Израел со своите сојузници во екстремно десничарските и ултраортодоксните еврејски партии по победата на парламентарните избори на 1 ноември. рп/

Остани поврзан