• недела, 22 декември 2024

Измените на Законот за локална самоуправа утре на собраниска седница

Измените на Законот за локална самоуправа утре на собраниска седница

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Измените на Законот за локална самоуправа се ставени како точка на дневен ред на пленарната седница закажана в среда, на 11 септември. Со нив треба да се избегне одржувањето на вонредени избори за градоначалници во Сарај, Аеродром и во Гостивар до крајот на годинава, откако претходно градоначалниците на тие општини преминаа во извршната или законодавната власт. 

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат поддршка од сите политички партии затоа што, како што вчера изјави портпаролката на партијата Марија Митева, законот е рационален и ги намалува трошоците.

- Очекуваме да се изгласа потребата од носењето на овој закон, а веднаш потоа согласно Деловникот да се запазат сите процедури. Очекуваме поддршка од сите политички партии затоа што цениме дека овој закон е рационален и ги намалува трошоците на граѓаните и државата, изјави Митева, одговарајќи на новинарски прашања вчера на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. 

За да поминат измените потребно е и Бадентерово мнозинство. Како што вчера објави телевизија 24, пратениците од ДУИ ќе гласаат за измените на Законот за локална самоуправа, со што ќе се обезбеди потребното двотретинско  мнозинство.

Од најголемата опозициска партија од македонскиот блок СДСМ се уште не се изјасниле дали ќе го поддржат ова законско решение. 

Предлог измените на Законот за локална самоуправа, кои беа доставени до Собранието пред неколку дена по скратена постапка, а негови предлагачи се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, Никола Мицевски, Халил Снопче и Горан Карапејовски, овозможуваат актуелните в.д. градоначалници да го завршат  мандатот до редовните локални избори во октомври 2025 година.

Доколку Предлог законот не ја добие потребната поддршка во Собранието, тогаш според актуелното законско решение во Сарај, Аеродром и во Гостивар до крајот на годината ќе треба да се одржат вонредни избори за градоначалници. нд/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан