• петок, 27 декември 2024

Изложба „Траги“ на Горан Ристовски во Струга

Изложба „Траги“ на Горан Ристовски во Струга
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Изложбата „Траги“ на ликовниот уметник Горан Ристовски утревечер ќе биде отворена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Проектот е поддржан од Министерство за култура. Изложбата ќе биде поставена до 21 октомври 2022 година.
Според историчарот на уметност Ангела Витановска, Ристовски, кој е графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи цртежи и графики, овојпат работени исклучиво во техника линорез.
- Горан Ристовски ја критикува човечката сурова интервенција врз природната средина низ финиот апстрактен цртеж и експресивно педантно изработената графика. Погледот ни го заматуваат меката линија и потезите на бришење, создавајќи експресивно линеарен третман кој ги спојува цртежите и графиките (линорези) во нови „Избришани пејзажи”. Тој ни нуди некои природни простори што некогаш постоеле. Уметникот својот активизам го практикува забележувајќи сцени од девастација на природата, повикувајќи на свесност, а не бегство во индиферентност, напиша кураторот Дијана Томиќ Радевска.

Горан Ристовски (Струга, 1987) е ликовен уметник кој живее и работи во Струга. Дипломирал во 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учествувал на многу проекти и групни изложби во земјава и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид и Берлин.

Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, графичкиот дизајн, муралот, инсталацијата, фотографијата, вклучувајќи и користење на готови предмети. Активно учествува на локални проекти од областа на културата, во активности кои се залагаат за имплементирање на уметничката практика во животот на младите.

Ристовски е организатор на резиденциските уметнички престои во Струга, каде се реализирани неколку колективни изложби - инсталации поставени во специфични и напуштени објекти. Работи како професор по ликовна уметност во Струга, еден е од основачите и членовите на уметничкото здружение ИНКА од Струга. мд/сп/

Остани поврзан