• вторник, 24 декември 2024

Изложба по повод 120 години од раѓањето на сликарот Томо Владимирски

Изложба по повод 120 години од раѓањето на сликарот Томо Владимирски

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) - По повод 120 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност Томо Владимирски, вечер во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена изложба која ја подготви кустосот советник Ана Франговска.

Како што информира Националата галерија, изложбата ќе биде поставена во Даут-пашиниот амам цел месец. На неа се поставени околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, а се во сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на Владимирски.

Покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ја претстави личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што на самиот проект ќе му се даде, како што се наведува, една мултимедијална димензија и разновидни сензации. 

- По повод одбележување на јубилејот, одлучивме да дадеме акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа е пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво тој остави трајни вредности кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност, информира Националата галерија. мд/aa/

Фото: Национална галерија 

 

 

Остани поврзан