• петок, 05 декември 2025

Изложба „Оган“ на Бојана Артиновска во КИЦ

Изложба  „Оган“ на Бојана Артиновска во КИЦ

Скопје, 18 ноември 2025 (МИА) - Изложба на слики, насловена „Оган“, на ликовниот уметник Бојана Артиновска ќе биде отворена вечер во 20 часот во Културно-информативен центар – Скопје и ќе трае до 3 декември.

Како што се наведува во најавата од авторката, „Оган“ е нејзин најнов циклус посветен на еден од најмоќните природни елементи – огнот како движење, страст и внатрешна сила.

-Процесот на создавање беше длабоко личен: свесно поврзување со елементот, со топлината во телото и со соларниот плексус како центар каде се раѓа волјата, самодовербата и личната моќ. Создавањето ме научи дека оганoт не е сила што ја освојуваме, туку енергија што се разбудува во нас. Овие дела се сведоштво за тој процес. Боите не се употребени за опис, туку за вибрација – портокалови, црвени, жолти и црни слоеви се преплетуваат во различни интензитети низ непредвидливи слоевити текстури. Атмосферата се движи од меко, жарно чувство до поинтензивни огнени слоеви, во кои движењето природно се менува и се обновува. Се обидував да работам без наметнување, дозволувајќи ѝ на сликата сама да ја открие својата форма, наведува Артиновска.

Отворањето на изложбата, најавува, ќе биде живо и возбудливо, ќе биде активирана атмосфера која го следи ритамот на самиот елемент, а посебен дел од програмата останува ненајавен – мал огнен момент што ќе го почувствуваат само оние што ќе присуствуваат.

Таа најавуваи соработката со двајца извонредни гости. 

-Емил Петро, визуелен уметник, дизајнер и истражувач кој работи со светлина, дигитална анимација и современи сценски визуелизации. Неговите светлосни интервенции се препознатливи по тоа што го менуваат просторот и создаваат ново слоевито доживување. За изложбата ОГАН, Емил ќе изведе светлосни проекции и движења врз делата, со што ќе внесе дополнителна динамика и енергетски импулс што природно се надоврзува на боите и текстурите. Игор Темел –основач на Amon-dur Music Studio – Битола, чија музичка чувствителност и продукциско искуство ќе изградат звучна димензија што природно го следи визуелниот јазик на изложбата. Неговата музика ќе пулсира заедно со делата и со проекциите, создавајќи единствена атмосфера каде бојата, звукот и светлината дишат заедно, се додава во најавата.

„Оган“, нагласува сликарката, е покана за будење и враќање кон животната енергија што ја носиме во себе - енергија што не уништува, туку буди, прочистува и создава.

-Покана за храброст да согориме старото и да се отвориме кон новото. Те повикува да го почувствуваш пламенот во живо, во моментот кога уметноста станува енергија, а енергијата – искуство, нагласува Артиновска.

Бојана Артиновска е визуелна уметница родена во Велес, а живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство и сценографија. Како слободен уметник, од 2000 до 2003 година работи во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена.

Таа е член на трите национални здруженија на ликовни уметници – ДЛУБ, ДЛУП и ДЛУМ и има долгогодишно искуство во сликарството, сценографијата, дизајнот и театарската визуелизација. Соработува со НУЦК „Марко Цепенков“ и со повеќе театарски работилници на проекти поврзани со сценографија, костимографија и шминка.

Артиновска има реализирано бројни групни настапи и девет самостојни изложби, меѓу кои „Во мене“ (2008), „Гозба“ (2011), „Трепет“ (2020), „Позадини“ (2021), „Земја“ (2022), „Вода“ (2023/2024) и „Парчиња живот“ (2024). Добитничка е на наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Репасаж“ во Србија (2010) и на наградата „4-ти Ноември“ на ДЛУБ (2022).Во својата работа користи техники на боја, текстура и експериментални слоеви, а паралелно е активна и како инструктор по јога. ац/

Фото: Плакат

Остани поврзан