• недела, 22 декември 2024

Изложба „Ноќ во музејот“ - виртуелна обиколка низ 245 години американска историја преку уметноста

Изложба „Ноќ во музејот“ - виртуелна обиколка низ 245 години американска историја преку уметноста
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Виртуелна изложба насловена „Ноќ во музејот“ со презентација на дела од богатата колекција на Музејот на американската уметност „Смитсонијан“, се одржа вечерва во Американската амбасада во Скопје во пресрет на 4 Jули - Денот на независноста на САД, со која се одбележуваат „245 години од патувањето на Америка“. Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и претставници на институции од областа на културата и уметноста, уметници и други гости, истакна дека виртуелната изложба е обид во услови на пандемија да се одржи посебен настан со физичко присуство, со кој ќе се покаже дека се наѕира светло на крајот од тунелот, по што продолжува патот напред. - Оваа година одлучивме фокусот да го ставиме на улогата на уметноста во отсликувањето на историјата со цел да ги препознаеме сите предизвици со кои се соочува уметноста, културата и образованието за време на пандемијата. Ова е исто така и соодветен начин да им се оддаде почит на иноваторите кои развија креативни и виртуелни средства за споделување на уметноста, учењето и раскажувањето приказни со нас за време на овие долги месеци на изолација, истакна Брнз. Изложбата „Ноќ во музејот“, додаде таа, претставува обиколка низ американската историја преку уметноста. Со користење на иновативна технологија беа презентирани дела кои припаѓаат на колекцијата на Музејот „Смитсонијан“ и ги претставуваат клучните периоди од американската национална историја. - Уметноста ни дава контекст и перспектива потсетувајќи не на времињата во кои сме надминале предизвици и сме се соочиле со кризи кои се чинеле огромни речиси ненадминливи во тоа време. Оваа изложба дава хроника на нашата Војна за независност и раѓањето на нашата демократија. Таа не носи низ нашата експанзија кон запад, до темните денови на нашата Граѓанска војна, се до 20-от век со сите бурни превирања од двете светски војни и големата депресија. Таа не води низ Студената војна и нејзиното пропаѓање, до трагедијата од 11 септември, па се до сегашноста. Оваа уметност ја покажува Америка каква што е - претставничка демократија во континуиран развој со сите нејзини убавини и недостатоци. Таа ја дава суштината на тоа кои сме ние – нација создадена на сет на идеaли кои го издржаа тестот во изминатите 245 години, која продолжува да се бори за уште подобра унија, рече Брнз. Таа потсети на изјавата дадена од американската потпретседателка Камала Харис пред неколку недели по повод потпишувањето на Законот со кој се прогласува за федерален празник Денот на ослободувањето на робовите во поранешната Конфедерација по Граѓанската војна: „Стигнавме далеку, и треба да поминеме уште многу, но денеска е ден за славење“. - Да, постојат предизвици кои треба да ги надминеме и да, напредокот може да биде бавен. Но, како што покажува оваа изложба, ова е само еден момент во времето, фотографија во албумот на историјата исполнет со постигнувања и развој кои нашите претходници не можеа да го замислат пред 245 години. Дозволете да прошетаме низ тој албум вечерва размислувајќи за неговата пространост, возвишувајќи ја проказната што ја раскажува и гледајќи напред кон градење на споделената иднина што ја бараме , рече Брнз. Покрај презентацијата на дела од американски уметници од колекцијата на „Смитсонијан“ кои се прикажуваа виртуелно на лед екрани, присутните можеа да погледнат и дел од постојаната поставка на Амбасадата со дела од американски и македонски уметници, меѓу кои и две скулптури позајмени од Националната галерија. Амбасдорката Брнз најави дека како и минатата година поради ковид пандемијата и оваа Денот на независноста -  ќе се одбележи со виртуелен настан на самиот ден на празникот -  4 Јули, кој ќе се пренесува директно на фејсбук страницата на Абмасадата. вг/сп/

Остани поврзан