• понеделник, 08 јули 2024

Изложба на фотографии на Виктор Соколовски во Кинотека

Изложба на фотографии на Виктор Соколовски во Кинотека
Скопје, 28 јуни 2021 (МИА) - Во холот на Кинотеката вечер ќе биде отворена самостојната изложбата на фотографии „Претстава“ на Виктор Соколовски. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 6 јули.

За оваа изложба професорот Владимир Величковски појаснува дека чинот на фотографирање, без оглед на “студениот“ објектив е чин на магична комуникација меѓу фотографот и другата или паралелна стварност.

-Виктор Соколовски, како дел од публиката  неизнасилено воспоставува токму таков вид комуникација, успевајќи во замрзнатиот момент од претставата да синтетизира карактеристична појавност и израз кои се поврзуваат со одредени состојби во животот. Притоа, во рамките на овој жанр документарниот карактер на визуелното бележење прераснува во една, селектирана претстава која има свои посебности, наведува Величковски.

Според професорот, ликовите во најновата серија театарски фотографии се предадени во гро план, пластично, како и фигурите распоредени во мирни или цик-цак линии, секогаш со внимателно и вешто кадрирање на мотивот. Инаку, Виктор Соколовски е магистар по геодезија и џез зависник.

Првата самостојна изложба ја има во Скопје, 2007 година во винотеката Темов, каде изложува 200 фотографии, претежно портрети од музичари и гости направени за време на „живите свирки“ во винотеката. После тоа, следуваат две самостојни изложби во Франција (Каен и Ифс) со колекција фотографии од „Старата скопска чаршија“.

Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“  освојува специјална награда на жирито за „најдобра фото-приказна за 2009 година“ на тема „еднакви можности и (НЕ) дискриминација“.

Во 2011 година во рамките на МОТ (Младински отворен театар-Скопје) се претставува со изложбата „Три“ со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во иста ноќ, на програмата на МОТ 2010 година. Истата колекција, на покана од организаторот следната година е претставена во Гевгелија, во програмата на „Бош“ фестивалот.бт/са/

Остани поврзан