Изложба на Оливер Мусовиќ и Десислава Унгер во Австрија
- Македонскиот уметник Оливер Мусовиќ и бугарската уметница Десислава Унгер, која живее во Виена, ќе имаат заедничка изложба насловена „По сѐ изгледа“ во галеријата „Кунстраумаркаде“ во Модлинг, Австрија.
Скопје, 15 октомври 2023 (МИА) - Македонскиот уметник Оливер Мусовиќ и бугарската уметница Десислава Унгер, која живее во Виена, ќе имаат заедничка изложба насловена „По сѐ изгледа“ во галеријата „Кунстраумаркаде“ во Модлинг, Австрија.
Изложбата ќе биде отворена денеска и ќе може да се посети до 11 ноември. Куратор е Давид Комари, раководител на галеријата „Штадпарк“ во Кремс на Дунав и куратор на уметничката резиденцијална програма на Долна Австрија (AIR – ARTIST IN RESIDENCE Niederösterreich), исто така во Кремс на Дунав каде Мусовиќ престојува извесно време.
Оливер Мусовиќ на изложбата ќе претстави две нови дела - фотографски серии насловени „Обраснато“ и „Рудерален хербариум“, реализирани на престојот во Кремс на Дунав.
Кураторот Комари за изложбата вели дека претставува две уметнички позиции кои споделуваат теми за место и не-место.-Делата на Оливер Мусовиќ се втемелени во културно-антрополошки и социополитички перспективи, додека Десислава Унгер има поетско-асоцијативен и сценско-наративен пристап кон нејзините графики и цртежи... Оливер Мусовиќ ја разгледува природата суштински „од внатре кон надвор“, приближувајќи се кон местото и пејзажот од речиси ботаничка гледна точка. Фотографиите на Мусовиќ ги истражуваат местата и областите на градот каде урбаното се среќава со неконтролираното - растенија и вегетација кои латентно, но незапирливо се размножуваат и шират во урбаните простори помеѓу зградите и плоштадите, наведува кураторот Комари.
Оливер Мусовиќ (Скопје, 1971) имал самостојни изложби во земјава, како и во Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на голем број групни изложби на современа уметност низ светот.
Учествувал и на резиденцијални престои во Словенија, Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се објавени во повеќе публикации - прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература. хс/ цр
Фото: архива Оливер Мусовиќ