• петок, 05 декември 2025

Изложба на Евгенија Трајковска во КИЦ Скопје

Изложба на Евгенија Трајковска во КИЦ Скопје

Скопје, 11 септември 2025 (МИА) - Во Културно-информативниот центар во Скопје од денеска до 22 септември ќе биде отворена изложбата „Внатрешен негувател“ од Евгенија Трајковска. Изложбата се состои од два дела: графики и слики.

- Графиките се мојата дипломска и го претставуваат оптимистот во мене. Меѓутоа често се навраќам кон критичарот кој преовледува, константно велејќи дека она што го правам не е доволно добро, потенцирајќи ја секоја грешка. Оптимизмот и негата кон сам себе се два различни аспекти. Се чудам како кон другите луѓе имам однос кој верува во нив и ги поддржувам за ситуации за кои можам да се сочувствувам, но сама кон себе одбивам да бидам нежна. Сигурно Фројд има некакво решение за тоа. Нејсе, сликите од оваа изложба го искажуваат чувството на несигурност, но и одлуката да негувателот и критичарот во мене се договорат конечно да соработуваат. Со текот на времето разбирам дека без разлика на околностите и луѓето во нашиот живот, ние самите кон себе мора да бидеме и најдобар пријател и најстрог критичар, вели Трајковска.

Родена е на 23.12.2001 во Скопје. Завршува средно во гимназијата СУГС „Георги Димитров“ и дипломира на Факултетот за ликовни уметности на Катедрата за графика и трансмедиумски практики. Се занимава со стрип и илустрација, а по запишување на факултетот наоѓа пасија и во графиката. Досега има учествувано на стрип конкурси, меѓународни проекти, факултетски и групни изложби и ја има реализирано нејзината прва самостојна изложба во галеријата на Кинотека на Македонија (2023). Добитник е на наградите „Златен стрип“ (2018) од Стрип центарот на Македонија - Велес и „Драгутин Аврамовски - Гуте“ (2023) од ФЛУ. бак/хс/

Фото: КИЦ

Остани поврзан