Изложба на австралиски дизајнерски текстил во Скопје по повод 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Австралија
- Во рамки на одбележување на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Австралија вечерва во Музејот на современа уметност во Скопје се одржа изложба на уникатни текстилни дела изработени од членовите на женските центри „Бабара“ од Австралија во организација на Австралиската амбасада во Белград, акредитирана и за Република Северна Македонија и Црна Гора.
Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) – Во рамки на одбележување на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Австралија вечерва во Музејот на современа уметност во Скопје се одржа изложба на уникатни текстилни дела изработени од членовите на женските центри „Бабара“ од Австралија во организација на Австралиската амбасада во Белград, акредитирана и за Република Северна Македонија и Црна Гора.
На официјалното отворање, австралискиот амбасадор Питер Трасвел истакна дека изложбата претставува симбол на културната размена и пријателството меѓу двете земји.

-Го славиме јубилејот со изложба на дизајнерски текстил изработен од членовите на женските центри „Бабара“. Овие дела не само што се уметнички вредни, туку им овозможуваат економска независност на жените од домородните заедници. Центарот „Бабара“ започна како засолниште за жени, а денес е културен и уметнички хаб. Текстилните дела раскажуваат приказни за легендите и културните обележја на земјата каде што живеат овие жени, истакна Трасвел.
Амбасадорот додаде дека изложбата е само дел од програмата за одбележување на јубилејот. Во петок и сабота ќе бидат прикажани два австралиски филма кои ќе ја доближат австралиската култура до публиката, а следниот викенд во Битола ќе биде претставен мурал насликан од австралиски и македонски уметници, како симбол на трајните врски меѓу народите.
Трасвел потсети дека основата на билатералните односи се луѓето и дека во Австралија живеат околу 111.000 Македонци која е една од најголемите дијаспори.

- Тие се мост меѓу нашите земји и придонесуваат за развој на бизнис, туризам и културна соработка, додаде тој.
Центарот Бабара е основан 1983 година како женско заолниште, а денеска претставува етаблиран уметнички центар со фокус на професионален развој и создавање моќности за жените уметници. Текстилите на Барабара дизајн се наоѓаат во колекзиите на големите институции низ Австралија и се извезуваат низ целиот свет.
„Бабара“ е збор на јазикот Нџебана на народот Кунибиџи на чија земја се наоѓа заедницата Манингрида. бк/ац/
Фото: МИА