• петок, 22 ноември 2024

Изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ во МСУ

Изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ во МСУ

Скопје, 28 мај 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) вечер ќе биде отворена интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова. 

На изложбата ќе бидат изложени дела од: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: S.T.I.F.F.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.

Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: „Кои значења и пораки се својствени за ткаенините?“, „Каква е нивната културна важност?“, „На кој начин можат да се „прочитаат?“, „Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги?“ и „Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираaт, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот?“. Текстилот претставува локус во кој уметноста, доаѓа во допирна точка со рачните изработки, традицијата се среќава со сегашноста, а локалното познавање се испреплетува со глобалните односи.

Изложбата ги истакнува бројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците – учесници. Личните и естетските наративи се поврзани со општествените и економските конфигурации во глобалниот свет. Во 1965 година, Баухаус уметницата Ани Алберс го опиша „настанот од една нишка“ како мулти-линеарен, без почеток или крај: во главно, неговото значење е постојан простор за преосмислување на односите и преструктуирање на врските и контекстите. 

Изложбата ќе биде отворена до 2 септември 2024 година. вј/вг/

 Фото: Јане Чаловски и Христина Иваноска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан