• понеделник, 23 декември 2024

Изложба „Домашна работа“ на Кристина Божурска во КСП Центар-Јадро

Изложба „Домашна работа“ на Кристина Божурска во КСП Центар-Јадро
Скопје, 14 јули 2021 (МИА) - Изложбата „Домашна работа“, партиципативен проект на Кристина Божурска, ќе биде отворена вечер во 20 часот во КСП Центар-Јадро. Како што информираат од Центарот, Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот истакнува дека преку проектот „Домашна работа“ целта била да се развијат експериментални и колаборативни форми на уметничка пракса, каде што фокусот бил насочен кон процесот и можностите што произлегуваат од тој процес. - Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето на дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање на дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање на идеи и иницирање акција. Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност. Тие беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори, вели таа. Божурска дополнува дека во рамките на проектот креирале настани за дружење со соседите и случајните минувачи и заеднички изработувале предмети потребни за изложбата. - Пињатите се направени од донирани, непотребни хартии од домашни задачи кои потоа беа персонализирани со текстови, напишани и собрани од младите учесници на онлајн работилниците. Кршењето на пињатите на отворањето на изложбата ќе биде метафоричка „катарза“, симбол на личното и колективно дејствување на разбивање на несаканата реалност и „пишување“ и замислување на нова иднина со поголема емпатија, сочувство и разбирање.“ - истакнува Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот, појаснува Божурска. Во март 2021, КСП Центар-Јадро распиша конкурс за реализација на партиципативен уметнички проект. По разгледувањето на притигнатите апликации, жирито го одбра проектот на Кристина Божурска „Домашна работа, наша работа“. Божурска го развивала својот проект во периодот март-јули во кој свое активно учество земале Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер.Во текот на својата работа, таа соработувала со реномираниот куратор од Словенија, Тевж Логар . Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрирала на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Имала самостојни изложби во галерија Уна во Бјаред, Шведска; Мала Станица, МКЦ и СИА Галерија, Скопје, Прима галерија Берлин и Куманово и учествува на бројни групни изложби и видео-фестивали во земјата и надвор. ар/сп/

Остани поврзан