Изложбата на дела по повод 50 години од постоењето на ликовната колонија „Куманово“
- Изложбата на дела по повод 50 години од постоењето на ликовната колонија „Куманово (1979-2024) ќе биде отворена вечер со почеток 19:30 часот во Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово.
Куманово, 25 декември 2024 (МИА) - Изложбата на дела по повод 50 години од постоењето на ликовната колонија „Куманово (1979-2024) ќе биде отворена вечер со почеток 19:30 часот во Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово.
На изложбата ќе бидат презентирани ликовни дела од Фондот на НУ Музеј-Куманово, ретроспектива на петдецениското постоење на колонијата, од најзначајните македонски и странски автори, кои учествувале, како и од првите кумановски учесници со кои започнува колонијата во 1974 година: Тане Атанасовски Гарски, Трајко Тошевски, Зоран Јакимовски, Иван Оцепек и Владимир Величковски.
-Изложбата има ретроспективен карактер и има за цел да направи пресек и да ги презентира најзначајните ликовни автори од македонско и странско потекло, како и да презентира што поголем број на ликовни автори кои учествувале и оставиле значајни дела. Особено се издвојуваат делата на странските реномирани уметници кои ќе бидат презентирани на оваа изложба: Денис Бовен и Паоло Чампини. Од богатата колекција која ја надминува бројката од 700 слики и скулптури, се издвојуваат делата на познати и признати македонски автори кои зеле учество на колонијата: Борко Лазески, Ванчо Ѓорѓиевски, Ана Темкова, Нове Франговски, Рубенс Корубин, Момчило Петровски-Моцо, Васил Василев, Ибрахим Беди, Димитар Малиданов, Реџаи Исени, Димитар Манев, Веле Ташевски, Кирил Геговски, Доне Милјановски, Решат Амети, Вана Урошевиќ, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Никола Иванов-Балтон, Исмет Рамиќевиќ и многу други. Секако, ќе бидат прикажани и автори од градот Куманово, по кој колонијата го носи и името, изјави Драгана Спасковска, кустос советник, историчар на уметност.
Пред пет децении, во 1974 година формирана е меѓуопштинска ликовната колонија „Прохор Пчински“, помеѓу два збратимени градови во тогашната СФРЈ, Врање (Србија) и Куманово (Македонија). Основачи се тогашната културно-просветната заедница од Куманово и Работничкиот универзитет од Врање. Првата сесија била одржана во конаците на манастирот Св. Прохор Пчински, во близината на селото Кленике. На првата колонија која се одржала во периодот од 2-12 август 1974 година, зеле учество десет уметници, пет од Куманово и пет од Врање. Од Куманово тоа биле Тане Атанасовски - Гарски (1938-2006), Владимир Величковски Кумановски (1936-2015), Иван Оцепек (1938-1989), Трајко Тошевски (1950), Зоран Јакимовски (1953), а од Врање: Предраг Савиќ Драгче (1939-2017), Миодраг Станковиќ Даги (1943), Станимир Костадиновиќ (1946), Властимир Стојановиќ Дубнички (1949) и Јовица Дејановиќ (1957). Ликовната колонија „Прохор Пчински“ ќе трае од 1974 – 1990. Во Куманово колонијата реорганизирана продолжува да работи после две години, (поради политичките прилики во 1991 и 1992 таа нема да се одржи), во 1993 година под новото име „Куманово“. Оттогаш до денес, иако повеќе пати ќе го менува местото на одржување, таа сепак опстојува и е единствена колонија во нашата земја во која соработуваат државната и локалната власт и континуирано, финансиски поддржана како од Министерството за култура и туризам, така и од Општина Куманово.
На Ликовната колонија „Куманово“ во изминативе години учествувале голем број на автори, ликовни творци (сликари, вајари, графичари .. од различни генерации како од земјава така и одод светот и регионот со академска наобразба: Велика Британија, Шведска, Холандија, Франција, Јапонија, Турција, Романија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Црна Гора итн.
-Ликовната колонија „Куманово“ е една од најетаблираните колонии со долгогодишно искуство и традиција, па токму 50-те години постоење (1974-2024) е доволен повод за ваква голема изложба со ретроспективен карактер, на која во Салонот на Уметничката галерија, симболично, во знак на јубилејот, ќе бидат изложени токму 50 ликовни дела, изјави Спасковска.
Изложбата е дел од програмските активности, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам. ам/ев/
Фото: НУ Музеј