• понеделник, 23 декември 2024

Излезност од околу 40 отсто на парламентарните избори во Иран 

Излезност од околу 40 отсто на парламентарните избори во Иран 

Техеран, 2 март 2024 (МИА) - Излезноста на парламентарните избори во Иран, кои се гледаат како тест за легитимноста на верското раководство, изнесува околу 40 отсто, што би било најниска бројка од Исламската револуција во 1979 година, покажуваат првите неофицијални извештаи.

Во отсуство на поистакнати умерени и конзервативни политичари, како и на реформисти, кои оценија дека вчерашните избори се неслободни и нефер, битката всушност се водеше меѓу тврдокорните и нискорангираните конзервативци кои ја истакнаа верноста на идеалите на Исламската револуција.

Иранското Министерство за внатрешни работи подоцна денеска треба да ја соопшти официјалната излезност на изборите.

На верските власти им требаше голем одзив за да го поправат својот легитимитет, тешко оштетен во антивладините протести во 2022/23 година, кои ескалираа во некои од најжестоките политички немири од исламската револуција на ајатолахот Рухолах Хомеини.

Официјалните анкети говореа дека само 41 отсто од 61 милион луѓе со право на глас ќе излезат на гласање. Се чини дека тоа се оствари, откако весникот Хамшахри објави дека на гласање излегле околу 25 милиони Иранци со право на глас.

На парламентарните избори во 2020 година излегоа рекордно низок број гласачи, 42,4 отсто од нив. Во 2016 година излезноста на гласачите беше 62 отсто.

Изборите се одржуваат во атмосфера на растечко незадоволство поради економските тешкотии и ограничувањата на политичките и социјалните слободи.

Иранците вчера избраа 88 членови на таканареченото Собрание на експерти, влијателно тело кое треба да го избере наследникот на 84-годишниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан