• понеделник, 17 март 2025

Извршена обдукција на 15-ина лица, 45 во критична состојба

Извршена обдукција на 15-ина лица, 45 во критична состојба

Скопје, 17 март 2025 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека досега е извршена обдукција на околу 15 лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.

Увидот уште се врши, рече Тошковски, а 45 лица се во критична состојба и се транспортираат во странство.

Приведени се пет лица на територијата на СВР Скопје и  СВР Тетово, меѓу кои и поранешен министер, како и 13 лица на подрачјето на СВР Штип од кои 11 се во краткотраен притвор од 48 часа. 

Како што истакна министерот, над 22 - 23 лица се осомничени за целиот настан.

Според Тошковски, пиротехничките средства кои беа причина за пожарот, ги донел бендот ДНК.

- Концертот било одржан на диво, без писмен договор со изведувачите, истакна Тошковски.

Во диското имало 500 лица на продадени 250 билети.

Вчера бил извршен разговор со градоначалникот на Кочани и ако се утврди дека сторил нешто незаконско, ќе сноси одговорност.

-Македонија нема систем со правила на игра кои би превенирале ваков ужасен настан. Имаме системски слабости кои оневозможуваат контрола. Констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што можеме да кажеме дека има катастрофална состојба на постапување на огромен број институции кои согласно закон требало да ги следат сите процеси со ставање во функција на дискотеката, нејзино ставање во функција и особено во делот на настанувањето пожари, потенцира Тошковски.

Министерот најави дека и денеска ќе бидат приведени голем број лица од различни институции, меѓу кои и МВР. мч/лв/

Фото0видео: МИА

Остани поврзан