Извидничкиот одред ,,Авантурсти” од Кавадарци функционира и во услови на Ковид-19
- Извидничкиот одред „Авантуристи” од Кавадарци функционира и во услови на Ковид-19, информираа вечерва од одредот формиран на почетокот од март оваа година.
Кавадарци, 22 септември 2020 (МИА) - Извидничкиот одред „Авантуристи” од Кавадарци функционира и во услови на Ковид-19, информираа вечерва од одредот формиран на почетокот од март оваа година.
Како што соопштија, од 18 до 20 септември го одржале првиот извиднички камп, на кој учествувале 30 деца и млади на возраст од 11 до 13 години водени од волонтери од 17 до 22 години.
- После долго време, знамето на извидниците повторно се развиори на Моклишкиот манастир „Свети Никола”, во кавадаречкото село Ваташа. Со самото оформување си поставивме за приоритет да прераснеме во водечка организација за неформална едукација на децата и младите на територија на општина Кавадарци. Огромна поддршка во целиот процес ни нуди Сојузот на извидници на Македонија, каде што извидниците од Кавадарци станаа придружни членови од 21.06.2020, информира претседателот Дарко Зоков.
Целта на здружението е, како што додаде, да придонесе во развојот на младите луѓе во достигнувањето на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како членови на нивните локални и национални заедници, како и меѓународната заедница.
-Како една од најважните активности на Извидничкиот одред „Авантуристи” е организирање кампови, едукативни хајкови, работилници и активности за зближување на децата со природата. За време на овој камп младите пред се запознаа нови другарчиња од сите основни училишта во Кавадарци, се дружеа и научија за извидништвото, за извидничките закони и принципи, вештини, за извидничките јазли и ориентација. Овој настан беше само почеток и е предвесник за сериозните намери кои ги има извидничкиот одред– да прерасне во доверлива, атрактивна и релевантна организација за сите деца и млади од Кавадарци и регионот, нагласија од „Авантуристи”.
На настанот беа преземени сите заштитни мерки предвидени од Владата и Институт за јавно здравје, согласно протоколите за организирање на извиднички настани на отворено.свд/бт/