• понеделник, 23 декември 2024

Извештај на Амнести интернешнл за Бугарија: Слободата на медиуми дополнително се влошува, обесправените и натаму дискриниминирани

Извештај на Амнести интернешнл за Бугарија: Слободата на медиуми дополнително се влошува, обесправените и натаму дискриниминирани

Софија, 28 март 2023 (МИА) - Состојбата со слободата на медиумите во Бугарија продолжува да се влошува, а новинарите се предмет на закани, заплашувања и судски самоволија, вели меѓународната организација за човекови права „Амнести интернешенел“ во својот годишен извештај за состојбата со човековите права во светот во 2022/23 година.

Во извештајот се наведува дека има враќање на мигранти и баратели на азил. Семејното насилство е во пораст. Судовите утврдија дискриминација на Ромите за време на немирите во 2019 година. Обесправените лица се соочуваат со постојана дискриминација, пренесува БТА.

Извештајот е особено критичен за слободата на говорот.

Новинарите и независните медиуми кои известуваат за организиран криминал, корупција или малцински права се соочуваат со постојани закани и малтретирање и често се жртви на тужби што против нив ги покренуваат владини претставници и бизнисмени. Истражување на Здружението на европски новинари покажува дека секој втор новинар во Бугарија бил подложен на незаконски притисок, а на секој 10-ти му се заканувале со тужби против него. Ова имаше застрашувачки ефект врз покривањето на вестите и доведе до зголемување на самоцензурата. Новинарите и бранителите на човековите права кои живеат надвор од главниот град Софија се особено ранливи на закани.

Големите медиуми и натаму се под контрола на политичари и олигарси, што дополнително ја поткопува уредувачката слобода и го ограничува пристапот до информации.

Во однос на правата на бегалците и мигрантите, извештајот на Амнести интернешенел се фокусира на враќањето на мигрантите на границата и на ситуацијата со украинските бегалци.

Нагло е зголемен бројот на бегалци и мигранти кои пристигнуваат на границата со Турција. Властите евидентирале над 85.000 пристигнувања на мигранти минатата година, речиси двојно повеќе од 2021 година. Враќањето мигранти на граница, често придружено со насилство, останува широко распространета практика, посочува АИ.

Групите за човекови права известуваат за постојани дискриминаторски практики во системот за азил, при што апликантите од некои земји вклучувајќи ги Авганистан, Алжир, Бангладеш, Мароко и Тунис автоматски се враќаат.

Бугарија прими речиси еден милион украински бегалци, главно жени и деца, и обезбеди пристап до здравствена заштита, социјални услуги и образование на 150.000 од нив, регистрирани како луѓе на кои им е одобрена привремена заштита. Многу од овие бегалци ја напуштија земјата од септември, поради зголемената неизвесност околу продолжувањето на моделот на сместување во хотели, од страна на владата. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации ги повика бугарските власти да понудат трајно решение за прашањето за сместување на бегалците.

Во неколку случаи, властите сместувале украински бегалци, вклучително и семејства со деца, во привременото сместување во центарот во Елхово, наменет за илегални мигранти. Бугарскиот Хелсиншки комитет укажува на несоодветни и недостојни услови за сместување во центарот во Елхово.

Во извештајот се наведува дека во август, апелациониот суд во Варна ја укина одлуката на понискиот суд кој ја одобри екстрадицијата во Русија на Алексеј Алчин, руски државјанин кој ја критикуваше руската инвазија на Украина. Апелациониот суд одлучи дека со оглед на политичките ставови на Алчин, неговите права може да бидат прекршени по неговото враќање во Русија.

Извештајот се осврнува и на состојбата на сексуално и родово насилство. Случаите на семејно насилство, кои се зголемија за време на пандемијата Ковид-19, продолжуваат да растат.  Измените на Законот за заштита од семејно насилство и Кривичниот законик, со цел натамошно усогласување на националното законодавство со меѓународните стандарди и зајакнување на заштитата на жртвите на семејно насилство, беа донесени дури кон крајот на минатата година.

Извештајот ја испитува и состојбата со правата на ЛГБТ заедницата во земјата, при што се набројуваат неколку случаи на хомофобија и воедно се потсетува  дека бугарските власти сè уште не презеле чекори за развој на национална стратегија и акционен план за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родова самоидентификација. ссм/

 

Остани поврзан