• недела, 22 декември 2024

Извештај за инклузијата на Ромите: Северна Македонија активно пристапува кон подобрување на состојбите

Извештај за инклузијата на Ромите: Северна Македонија активно пристапува кон подобрување на состојбите

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Република Северна Македонија активно пристапува кон подобрување на состојбата на Ромите од сите општествени, економски, социјални и културолошки аспекти, покажува Извештајот за состојбата со напредокот во инклузијата на Ромите во државава.

На денешната презентацијата на извештајот во хотел „Арка“, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, истакна дека најголемата одговорност за почитувањето на човековите права ја имаат оние кои носат одлуки, но истовремено, најдобар партнер на властите се граѓаните и сите кои што соработуваат со институциите.

-Наша обврска е да создадеме општество во кое граѓаните независно на која етничка припадност се, се чувствуваат сигурни и имаат еднаков пристап до ресурси за напредок, рече министерот.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадор Килијан Вал, ја поздрави ангажираноста на Северна Македонија и рече дека патот до целосна еднаквост сѐ уште останува и бара континуирана акција.

-Северна Македонија постави добра основа, но сега мора да се гради врз неа, порача тој.

Според министерот без ресор за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, Стратегијата за Ромите не е само документ, таа е основен пат и патоказ за создавање одржлива интеграција на ромската заедница во секоја сфера од јавниот живот.

-Нашата задача е да изградиме траен и одржлив систем кој ќе гарантира инклузија, рече тој.

Извештајот содржи повеќе заклучоци во однос на состојбата со Ромите во нашата држава, вклучувајќи препораки за подобрување на системско ниво, ниво на јавна политика и институционално ниво. ар/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан