• недела, 22 декември 2024

Изведба на претставата „Галеб“ на Турски театар

Изведба на претставата „Галеб“ на Турски театар
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - НУ Турски театар на сцената на Театар Комедија вечерва ќе ја изведе репризата на претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Нела Витошевиќ. Претставата е со титл на македонски јазик. „Галеб“ е драма која зборува за театарот и љубовта. Во ова култно дело, Чехов на траги-комичен начин ни ја пренесува атмосферата за минливоста на животот, во која се испреплетува ланец на ликови со промашени животи, со несреќни судбини, невозвратени љубови, ставени во животни околности со кои не можат или не знаат да се справат. - Во претставата ние се обидовме да навлеземе длабоко во тие ликови и да направиме едно современо видување на „Галеб“, каде отворивме две важни теми: конфликтот помеѓу две генерации (постара и помлада) и последиците од невозвратена љубов. Ставивме акцент и на проблемот како постарите генерации играат улога во кршење на соништата на помладите и како го убиваат детето во нас. Оваа драма ја сакам уште од моите студенски денови и сите заедно ја сработевме со голем мерак, истакнува Нела Витошевиќ, режисер на претставата. Драматургот Викторија Рангелова вели дека пишува со задоволство, иако многу се судира со барањата и потребите од страна на театарот. -Започнав форте, а завршив со пианисимо, спротивно на правилата на драмската уметност.“ (А.П. Чехов за „Галеб“ во писмо до неговиот пријател Суворин, 1895 година). Прашањето кое се поставува за делата на Чехов не е – зошто во драмите нема класична драмска приказна, туку зошто таа драмска приказна не им е потребна? Чехов не го интересира ни драматичното само за себе, ниту пак безначајното само за себе, него пред се го интересира односот помеѓу тие две врсти на случувања и што се добива со нивното постојано судирање, испреплетување, среќавање. И заради тоа што Чехов повеќе го интересираат односите меѓу ликовите и односот помеѓу ликовите и околината, стварноста во која живеат, повеќе отколку што го интересираат последиците, не може да се сложиме со првичната слика за неговите дела дека ништо не се случува, напротив во Чехов се случува и повеќе од што е потребно. Крајот во драмите на Чехов не е ни конечна дефиниција, ни конечна пресуда, крајот е тајна која останува да лебди во воздухот додека светлата не се изгасат во гледалиште, потенцира Рангелова. фф/дма/

Остани поврзан